• понеделник, 23 декември 2024

Вардар 1961 го совлада Еурофарм Пелистер во македонското ракометно дерби

Вардар 1961 го совлада Еурофарм Пелистер во македонското ракометно дерби

Скопје, 26 март 2023 (МИА) – Актуелниот македонски ракометен првак Вардар 1961 направи исчекор кон одбрана на титулата откако вечерва во Скопје го совлада Еурофарм Пелистер во големото македонско дерби со 31-24.

Бодрени од домашната публика, Вардар замина на полувреме со предност од 13-10 која со фуриозен старт на второто полувреме ја зголеми на 18-11 во 36 минута.

До крајот на натпреварот Вардар во неколку наврати имаше највисока предност од седум голови разлика и забележа важна победа во битката со директниот конкурент за титулата.

Дејан Манасков и Филип Талески со по седум голови беа најефикасни во редовите на Вардар и воедно на натпреварот, додека Жарко Пешевски со пет погодоци го предводеше ботолскиот вицешампион.

Ракометното дерби го одбележаа инциденти во првото полувреме кога натпреварот беше прекинат во 17 минута, при резултат 6-6, откако во салата влегоа навивачите на битолскиот прволигаш по што почнаа да фрлаат со пиротехнички средства кон домашната публика.

Десетина навивачи на Вардар веднаш потоа влегоа на теренот и возвратија кон навивачите на Еурофарм Пелистер со пластични шишиња и тврди предмети, по што судиите го прекинаа натпреварот, а играчите на двете екипи се повлекоа во соблекувалните.

Натпреварот беше во прекин околу половина час и дербито продолжи откако обезбедувањето во салата и полицијата обезбедија нормални услови за игра. 

Реваншот е на 7 мај во Битола.ег/лв/ 

ФОТО/ МИА

Остани поврзан