• вторник, 24 декември 2024

Вардар се врати во Првата македонска фудбалска лига

Вардар се врати во Првата македонска фудбалска лига

Кавадарци, 21 мај 2023 (МИА) – Најтрофејниот домашен фудбалски клуб Вардар се врати во прволигашката конкуренција откако попладнево го совлада градскиот ривал Скопје со 3-0 (1-0) во баражот за место во Првата македонска лига (ПМФЛ). 

Фудбалерите на Вардар влегоа силно мотивирани во натпреварот што се одигра на неутрален терен во Кавадарци, и дојдоа во водство веќе во 4. минута со голот на Дарко Размоски. 

Црвено - црните во продолжението на првиот дел пропуштија уште неколку изгледни шанси за гол, а задачата на Скопје  да се врати од резултатската негатива дополнително го отежна исклучувањето на Миле Тодоров во 35. минута. Фудбалерот на Скопје доби директен црвен картон откако врати на трибината факел што претходно на теренот го фрлија навивачите на Вардар. 

Предноста на Вардар ја удвои двојниот стрелец Размоски (49 минута),  а десет минути подоцна капитенот Дарко Глишиќ биеше прецизно за конечни 3-0 и десеткратниот македонски шампион по две сезони во второлигашката конкуренција се врати во ПМФЛ. 

Претходно нови прволигаши станаа Воска и Гостивар, а во Втората лига се пресели прилепска Победа.

Шампионската титула, прва во клупската историја, ја освои Струга, трофејот во Купот го одбрани Македонија Ѓорче Петров, а настап во европските купови изборија и Шкупи и Шкендија. ег/дма/

Фото: Фејсбук

Остани поврзан