• понеделник, 16 декември 2024

Ванковска: На државата и е потребна жена претседател, не сум ја криела мојата анти - НАТО позиција

Ванковска: На државата и е потребна жена претседател, не сум ја криела мојата анти - НАТО позиција

Скопје, 12 март 2024 (МИА) - Кандидатот за претседател од политичката партија Левица, Билјана Ванковска, на нашата држава и е потребен претседател како неа, борбен претседател, но, пред се, жена претседател. Во изборната кампања најавува непредвидливост и бурни дебати и теми, во коишто, како што рече, ќе биде сама наспроти шестмина.

-Сметам дека имам квалитети, и имам една позитивна работа, која еден човек близок до ВМРО-ДПМНЕ, партијата Левица ја нарекува „девица“, па јас се шегувам дека сум буквално политичка девица, бидејќи во моето портфолио не може да најдете ниту една политичка или јавна функција, дури ни членство во некој управен одбор. Теоријата и практиката можам да ги спојам и на Македонија и е потребен борбен претседател, ама, пред се, жена, рече Ванковска во интервју за Топ Тема на ТВ Телма

Воедно истакна дека доколку не помине во вториот круг нема да ги даде гласовите на ниту еден кандидат, појаснувајќи дека граѓаните ќе си имаат можност повторно да излезат и да гласаат за некоја од понудените опции.

Универзитетската професорка и кандидат за претседател Ванковска изнесувајќи го својот став за НАТО рече дека Алијансата многу придонела за небезбедноста во светот велејќи дека никогаш не ја криела нејзината анти – НАТО позиција.

-Размислувам во смисла на големата слика на светот кој радикално се менува. НАТО придонесе многу за оваа небезбедност во светот, почнувајќи од интервенцијата во 1999 година, кршејќи на Повелбата на Обединетите Нации. Потоа учеството на членките на НАТО, особено САД, во нелегални интервенции кои ги нарекуваа хуманитарни или како и да е, зад себе оставија куп разурнати земји. Така што тука за се има предисторија. И ова што сега го зборуваме, дали ќе ја зборуваме Украина или Газа или можноста од војна со Кина околу Тајван. Мислам дека НАТО во приказната не е доброто момче, мислам дека има многу придонесено за небезбедноста во светот и во регионот, изјави Ванковска во вечерашната емисија Топ Тема на Телма.

Вели дека вештачки се создавал тој наратив дека нема друга алтернатива. Проблематично е, вели Ванковска, што во 90-тите години не се отворила демократска дебата за алтернативите на безбедносното опкружување и консолидирање на малите држави.

-Во Словенија, на пример, моите колеги од фалултетот за општествени науки застапуваа теза за демилитаризација на Словенија уште во времето на осамостојувањето. Точно е дека влегоа во првиот бран на проширување, но сакам да кажам дека ние никогаш не ја отворивме таа дебата. И секој оној што ќе каже дека е против НАТО е или несериозен или нешто му фали. Повремено имам чувство дека толку сме затворени во меур, кој ќе дојде на Водно, кој ќе дојде во владата и како тука да почнува и завршува целата приказна, посочува Ванковска. сс/ев/

Фото: Принтскин

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан