• сабота, 23 ноември 2024

Вал: Застапеноста на жените во Парламентот во Северна Македонија е над просекот од целиот регион што го покрива ОБСЕ

Вал: Застапеноста на жените во Парламентот во Северна Македонија е над просекот од целиот регион што го покрива ОБСЕ

Скопје, 23 јуни 2023 (МИА) - Просечната застапеност на жените во парламентот во целиот регион што го покрива ОБСЕ е 29,6 проценти, во Северна Македонија е над просекот, што е впечатливо и има 42,5 проценти жени во парламентот, истакна шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вал на денешната регионална конференција „ Унапредување на родовата еднаквост во парламентите“, организирана од страна на Клубот на пратенички на Собранието, во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Тој ги спомна предизвиците со кои се соочуваат жените политичари за време на изборите или нивната незастапеност во одредени функции пред и после избори, но рече дека земјава ќе може да влијае на овие предизвици со тоа што ќе го спроведе новиот закон за родовата еднаквост.

- ОБСЕ и понатаму е ваш партнер за постигнување на родовата еднаквост, но ние само имаме улога на поддршка. Вашата заложба како парламентарки е од клучна важност за понатамошниот успех на овие заложби и вашата работа е од суштинска важност за да се постигнат човековите права на жените кои се суштински дел на безбедноста и просперитетот на нашето општество, рече Вал.

Претседателот на Собранието Талат Џафери истакна дека земјава има воспоставено цврста рамка за унапредување на родовата еднаквост во јавното и политичкото живеење и во делот на сите важни меѓународни политики за родовите прашања, како што се Конвенцијата на Обединетите Нации за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените, Пекиншката платформа за акција на ОН, Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на човековите права и основни слободи и Истанбулската конвенција за борба против насилство врз жените.

- Постои волја за спроведување реформи со цел јакнење на парламентарната демократија и унапредување на родовата сензитивност. Тоа го потврдува и ОДИХР која ги признава реалните заложби и значителните достигнувања со обезбедување на родова еднаквост и со закон и во пракса, за да се зајакне правната основа, рече Џафери.

Тој информираше дека усвоени се значајни законски измени што одат во насока на подобрување, заштита, унапредување и вреднување на статусот и придонесот на жената како рамноправен член во општествената заедница.

- Донесени се неколку национални стратегии со кои се настојува да се покријат сите сфери во кои се чувствува нееднаквоста, дискриминацијата, ексклузивноста на мажите наспроти жените и тие настојувања продолжуваат со можеби најважната новина, а тоа е родовото одговорно буџетирање, додаде претседателот на Собранието.  

Посочи дека е донесен и вториот план на активности за унапредување на родовата сензитивност, направени се предлог измени на систематизацијата со менување на позицијата советник за родови прашања и дека во тек се и активности во насока на измени на Деловникот за работа на Собранието. сх/бак/

Фото: МИА

Фото: МИА

Остани поврзан