• сабота, 23 ноември 2024

Бјелогрлиќ: Се надевам дека хуманоста во „Чуварите на формулата“ ќе им остави најголем впечаток на гледачите

Бјелогрлиќ: Се надевам дека хуманоста во „Чуварите на формулата“ ќе им остави најголем впечаток на гледачите

Скопје, 19 октомври 2023 (МИА) - Се надевам дека хуманоста во филмот ќе им остави најголем впечаток на гледачите. Интересно е што двете случки во филмот се поврзани, но исто така се дијаметрално многу спротивни. Од една страна, постои група на луѓе кои работат со нуклеарни експерименти со намера да создадат оружје кое ќе го уништи светот, а истата таа ситуација произведува сосема поинаков случај кој ќе го унапреди светот, најмногу поради емпатијата и хуманоста, порача српскиот актер и режисер Драган Бјелогрлиќ, кој со „Чуварите на формулата“ ја доби наградата за најдобар филм на МФФ Киненова.

Филмот „Чуварите на формулата“ не враќа во октомври 1958 година, во екот на кризата од Студената војна, група на комунистички научници од Институтот Винча во Србија, спроведуваат таен проект предводен од професорот Драгослав Поповиќ. Поради непредвидени околности, тие се изложуваат на смртоносна доза на радиоактивно зрачење од ураниум, поради што југословенската тајна полиција ги носи на лекување во клиниката Кири во Париз.

Бјелогрлиќ на денешната прес-конференција во Скопје по повод добиената награда потенцираше дека идејата зад овој филм е луѓето да се заинтересираат околу самата тематика, околу она што се случувало во овој период.

-Најинтересно ми беше прашањето дали во денешно време би можело нешто такво да се случи. И сфатив дека не само што нема шанса, туку тоа не постои ниту како опција. Денеска никој не би жртвувал било што свое за луѓе кои ги познаваат, а не па за луѓе кои воопшто не ги познаваат. А настанот се случил пред само 65 години, значи не е тоа толку одамна, а веќе ни се чини дека е невозможно. Тоа е она што мене најмногу ме инспирираше. Затоа и дојдов до таа игра на зборови „чувари на формулата“. И едниот и другиот научник кои ги следиме низ прикажната трагаат по некоја формула, а потоа пронаоѓаат трета формула - формула на животот, која изгледа сите ние сме ја заборавиле,  истакна Бјелогрлиќ.

Тој посочи дека знаел претходно за настанот, но дури откако ја прочитал книгата на Горан Милашиновиќ „Случај Винча“ сфатил колку работи не му биле познати.

-Јас знаев за тој настан, но дури кога ја прочитав книгата на Горан Милашиновиќ „Случај Винча“ сфатив колку работи всушност не ми беа познати. Знаев само некои површни информации кои кружат со години. Кога ја прочитав книгата, одлучив да направам филм токму за овој настан. Почнавме да правиме истражување, при што дојдовме до многу интересни моменти. Генерално, тоа беа некои документи сокриени од јавноста. Разговаравме со инженерите од Винча, а јас имав и неколку состаноци со луѓе од државната безбедност, кои ми посочија дека проектот атомска бомба постои, но тој никогаш не излегол во јавност и до ден денес се уште е така, рече Бјелогрлиќ.

Тој појасни дека не успеал да стапи во контакт со донаторите или пак со нивните семејства. 

-Се обидував да стапам во контакт со донаторите но беше невозможн. Помина времето, веќе не се ни живи, како што не се живи ниту нашите научници. Последниот Радојко Максиќ умре пред две години од корона вирусот. Преживеа зрачење, но не ја преживеа короната. Повеќе нема ни сведоци за тој настан, рече Бјелогрлиќ.

Премиерата на овој филм во рамките на Киненова се одржа синоќа, а во Србија ќе биде прикажан на 24 октомври. Бјелогрлиќ верува дека филмот во Србија ќе се идентификува како контраверзен, едните ќе сметаат дека постоел ваков проект, додека другите нема да веруваат. Сепак, посочи, токму затоа е и интересен филмот.

Целта на секој филм е, посочи, луѓето да станат заинтересирани и да посакаат да дознаат нешто повеќе за одреден период. 

„Чуварите на формулата” е копродукција меѓу Кобра Филм и Тон Филм од Србија, Скопје Филм Студио од Македонија, Перфо Продукција од Словенија и Битер Фрејмс од Црна Гора, поддржани од националните фондови на овие земји и Еуримаж. Драган Бјелогрлиќ е и продуцент на филмот со Драган Шолак, а копродуценти се Мирослав Могоровиќ, Алеш Павлин, Андреј Штритоф, Томи Салковски, Ѓорѓе Војводиќ и Дејан Чакајац.

Наградата за најдобар филм му беше врачена на Бјелогрлиќ синоќа за време на свеченото затворање на осмото издание на МФФ Киненова.

За наградите одлучуваше жири во состав на Лех Мајевски, режисер, сценарист, кинематографер, мултимедијален уметник од Полска, Дебора Ван Дам, сценаристка и режисерка од Холандија и Дејан Дуковски, драмски писател од Македонија. бт/дма/

Фото/видео:МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан