• четврток, 19 декември 2024

Бугарското МНР за знамињата на средбата меѓу Сиљановска Давкова и Радев: Посетата не беше официјална

Бугарското МНР за знамињата на средбата меѓу Сиљановска Давкова и Радев: Посетата не беше официјална

Скопје, 17 септември 2024 (МИА) - Бугарското Министерство за надворешни работи во врска со знамињата на средбата меѓу македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова и бугарскиот претседател Румен Радев во петокот во Софија, вели дека посетата не била официјална.

Од Министерството за бугарската Нова, велат дека бугарскиот амбасадор во Скопје вчера бил повикан на разговор во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, како што се наведува, „поради посетата на претседателката на Република Северна Македонија на Софија на 13 септември и коментарите во јавноста во врска со фотографиите од средбата“.

-Посетата беше по повод културниот настан - гостувањето на Националната опера и балет на Република Северна Македонија во Софија и нема карактер на државна, официјална или работна посета. Во вакви случаи, протоколарната практика не предвидува интонирање химни, поставување на други државни знамиња, како и други протоколарни атрибути. Горенаведеното било посочено и од амбасадорот Радуков вчера во неговиот разговор со дипломатите од Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, велат од бугарското МНР.

Оттаму додаваат дека „водени од желбата за добрососедски односи и останувајќи последователни во политиката за поддршка на отворен дијалог со партнерите од Република Северна Македонија, од бугарска страна беа упатени покани до министрите, кои ја придружуваа претседателката Сиљановска-Давкова, за средби со нивните хомолози. За жал, поканата од министерот за надворешни работи, Иван Кондов, до министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски била одбиена“.

Бугарскиот амбасадор вчера беше повикан во МНРНТ, каде му била изразена загриженост поради отстапувањето од договорениот протокол за фотографирањето на двајцата претседатели, при што е побарано дополнително објаснување од бугарската страна. Додека бугарскиот претседател Радев вчера кажа дека „посетата не била ниту државна, ниту работна“, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека „кога ќе се помине црвената линија, тогаш треба и да се реагира“, затоа што, како што нагласува „ ако не реагирате, тој исклучок потоа ќе стане пракса“.

По дипломатскиот пропуст со неистакнувањето на македонското знаме на средбата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова со Румен Радев на средбата во петокот во Софија, од македонска страна беше најавена протестна нота до бугарскиот амбасадор во земјава Желјаско Радуков. Радуков, кој вчера попладне беше повикан во македонското МНРНТ, одбил да ја прими протестната нота. Како што потврдија вчера за МИА од Министерството,  бугарскиот амбасадор ја одбил протестната нота, со чија содржина бил запознаен усно од страна на директорот што го водел разговорот. 

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, во однос на средбата на претседателката Сиљановска-Давкова со бугарскиот претседател Румен Радев во Софија, кажа дека очекува извинување од Бугарија и не би сакал да се разочара од соседот. нд/вј/

Фото: МИА архива

 

 

 

Остани поврзан