• сабота, 23 ноември 2024

Бугарија и ЕУ ја повторуваат грешката во однос на Северна Македонија, реагира Владата

Бугарија и ЕУ ја повторуваат грешката во однос на Северна Македонија, реагира Владата
Скопје, 16 декември 2020 (МИА) - Бугарија го потврди ветото, изневерeни се европските вредности и очекувањата на нашите граѓани. Северна Македонија ќе продолжи да гради добрососедски односи и да ги спроведува европските стандарди, соопшти Владата. -Владата на Република Северна Македонија и во овој случај, по повод денешните заклучоци на Комитетот на постојани претставници (КОРЕПЕР) изразува разочарување што ЕУ не најде начин да донесе позитивна одлука за усвојување на Преговарачката рамка, што ќе овозможеше првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Северна Македонија да се одржи до крајот на 2020 година, за време на германското претседавање со ЕУ. За жал, се потврди ветото на Бугарија со кое не се дозволува почеток на преговорите на нашата земја во ЕУ, иако според сите извештаи на европските институции ние ги исполнивме сите критериуми за да се прифати преговарачката рамка и да се одржи првата меѓувладина конференција за да започнат преговорите, стои во соопштението. Според Владата, ние испорачуваме, а ЕУ не ги одржа своите ветувања и во овој момент не го добиваме правилниот одговор. -Бугарија и ЕУ ја повторуваат грешката во однос на Северна Македонија. Историската грешка во 2019 година, сега е огромна геостратешка грешка на ЕУ. Изневерени се оправданите очекувања на нашите граѓани, поттикнувани и охрабрувани од ЕУ и од земјите членки. Разнишана е довербата на голем дел од граѓаните на сите држави од Западен Балкан. Оваа грешка е мотивација за уште посериознo продирање на интересите на трети страни во срцето на Европа, наведува Владата. Додава и дека барањата на Република Бугарија не се изненадување, но нивната упорност на стојалишта кои немаат ништо заедничко со стратешки важното прашање за проширувањето на ЕУ, нема да ги променат нашите ставови дека за идентитетските прашања нема преговори. -Остануваме посветени на дијалогот со Софија и барање на заемно прифатливо решение. Спремни сме да разјасниме одредени дилеми доколку има потреба за тоа, но нашите позиции се познати и јавно потврдени: Ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик. За македонскиот идентитет не се разговара и не се преговара. Договорот со Бугарија е добар и нема потреба од нов договор или анекс на договор. Спремни сме за поактивна имплементација на Договорот. Имаме дадено предлог акциски план за проекти меѓу двете држави кои можат да ја унапредат соработката во различни области (економија, инфраструктура, култура, образование, и друго), велат од Владата. Како што стои во соопштението, земјава секогаш ќе се бори против говор на омраза. -Провокации не се во интерес на никого и мораме да одржуваме цивилизиран и европски дијалог на сите нивоа. Да не влегуваме во круг на навреди, обвинувања и говор на омраза, кои нема да донесат ништо добро за никого, а најмалку за македонскиот и за бугарскиот народ. Без разлика што ЕУ испраќа лош сигнал за вредноста на нашите домашни реформи и покажани резултати во процесот на интеграција во ЕУ за кои од Брисел стигнуваа признанија, остануваме посветени на истиот стратешки колосек како и до сега. Нема отстапување од стремежот за остварување на стратешките цели кои се поставени едногласно и кои секогаш уживале широка поддршка: Постигнување и одржување добрососедски односи, активно учество во НАТО како рамноправна членка на Алијансата и непоколеблива аспирација за членство во ЕУ, пишува Владата. Дополнува и дека дома нема да дозволи неуспехот на ЕУ со неодобрување на преговарачката рамка да предизвика застој на внатрешните реформи. -Напротив, ќе го засилиме темпото и ќе ја зголемиме предноста што ја имаме во регионот. Со уште повеќе верба, посветеност и единство, ќе се посветиме на градењето европски стандарди дома, подвлекуваат од Владата. мч/скс/

Остани поврзан