• среда, 22 јануари 2025

Бројот на жртви во пожарот во хотелот во Турција се искачи на 76, уапсени девет лица

Бројот на жртви во пожарот во хотелот во Турција се искачи на 76, уапсени девет лица

Анкара, 21 јануари 2025 (МИА) - Најмалку 76 лица ги загубија животите во пожарот што рано утринава избувна во хотел во ски-центарот Карталкаја, во северна Турција, јавија турските медиуми.

Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја потврди дека бројот на загинати во пожарот се искачи на 76.

Претходно денеска беше соопштено дека во пожарот е повредено 51 лице, од кои еден е во критична состојба. Седумнаесет од нив по укажаната лекарска помош биле пуштени од болница.

Јерликаја додаде дека во рамките на истрагата за пожарот во хотелот досега се уапсени девет лица.

Пожарот избувна рано утринава во ски-центарот Карталкаја, кој се наоѓа на приближно 295 километри источно од Истанбул.

На местото на несреќата беа испратени бројни служби за итни случаи од соседните градови, вклучително и пожарникари, тимови за одговор при катастрофи и медицински тимови, поддржани од хеликоптери. Од хотелот се евакуирани околу 230 луѓе, а истрагата за причините за пожарот е во тек.

Карталкаја, која се наоѓа во провинцијата Бол, е една од најважните зимски туристички дестинации во Турција, привлекувајќи илјадници посетители за време на скијачката сезона.

Во Турција е прогласен национален ден на жалост, потврди претседателот Реџеп Тајип Ердоган. мс/

фото: Анадолија

Остани поврзан