• понеделник, 23 декември 2024

Бројот на жртвите од терористичкиот напад во близина на Москва достигна 137 лица

Бројот на жртвите од терористичкиот напад во близина на Москва достигна 137 лица

Москва, 24 март 2024 (МИА) - Бројот на жртвите од масовното пукање во концертната сала „Крокус сити хол“ во близина на Москва достигна 137, соопштија руските власти. Меѓу жртвите има и три деца.

„Продолжува идентификацијата на телата на загинатите. Во моментов на местото на терористичкиот напад се пронајдени телата на 137 лица, од кои три се деца. Продолжува испитувањето на местото на злосторството. Досега 62 тела се идентификувани“, се вели во соопштението на Рускиот истражен комитет.

Вооружени напаѓачи во петокот вечерта влегоа во концертната сала во Красногорск, кај Москва, и почнале да пукаат кон посетителите, а потоа фрлиле запаливи средства, што предизвикало пожар.

Федералната служба за безбедност (ФСБ) на Русија вчера соопшти дека во врска со нападот се приведени 11 лица, меѓу кои и четири лица кои биле директно инволвирани во терористичкиот напад.

ФСБ наведе дека оружјето што го користеле напаѓачите во „Крокус“ било однапред подготвено во скривалиште и дека напаѓачите се обиделе да избегаат со автомобил, упатувајќи се кон руско-украинската граница.

Според ФСБ, напаѓачите имале намера да ја преминат границата и имале контакти на украинска страна.

Одговорноста за нападот ја презеде Исламска држава, но официјална Москва не ја коментираше информацијата. паг/

 

Остани поврзан