• среда, 27 ноември 2024

Бродовите на „Маерск“ ќе пловат побавно за да заштедат гориво

Бродовите на „Маерск“ ќе пловат побавно за да заштедат гориво
Копенхаген, 30 септември 2022 (МИА) - Данскиот логистички гигант „Маерск“ најави дека во иднина неговите контејнерски бродови ќе пловат побавно за да заштедат од скапото гориво, што е промена од пандемиската политика на брзи испораки. „Маерск“ годинава очекува стабилен или дури и намален обем на транспорт преку океаните поради пониските лични трошоци во САД и намаленото расположение предизвикано од руската инвазија на Украина. Ова го изјави вчера извршниот директор Сорен Скоу, јавуваат дел од британските медиуми. За време на пандемијата, данскиот гигант профитираше благодарение на силниот раст на цените на превозот што поттикна закрепнување на побарувачката во периодот на Ковид-19, предизвикувајќи метеж во пристаништата. Според Скоу, цените на превозот годинава почнаа да паѓаат, иако пристаништата и понатаму се пренатрупани, а глобалните синџири на снабдување се оптоварени. - Во некои региони, особено во Европа и натаму гледаме бродови што чекаат пред пристаништата, недостиг на работна сила и штрајкови. Па затоа, состојбата сè уште не е нормализирана, но, очигледно се движи кон подобро, додаде Скоу. Тој годинава очекува „скромно“ зголемување на трговијата во претстојната празнична сезона  поради загриженоста предизвикана од нестабилната глобална економија и побарувачка, и покрај помалите пратки на прагот на божиќната сезона, отколку во нормалните години. Компанијата има флота од околу 730 контејнерски бродови. Таа се занимава со испорачување и логистика за трговци на мало и компании како „Волмарт“, „Најк“ и „Унилевер“. бд/сд/

Остани поврзан