• петок, 15 ноември 2024

Британски министер: Белград и Лондон потпишаа документ против руско мешање

Британски министер: Белград и Лондон потпишаа документ против руско мешање
Прага, 20 јуни 2021 (МИА) - Министерот за одбрана на Велика Британија Бен Валас изјави дека за време на неговата посета на Србија, двете земји потпишале значаен договор со кој се спречува влијанието на Русија. Валас пристигна во Србија на 16 јуни и се состана со највисоките претставници, вклучувајќи ги и претседателот Александар Вучиќ и министерот за одбрана Небојша Стефановиќ, потсетува Радио Слободна Европа на српски јазик. Валас во интервју за британски Телеграф рече дека е во интерес на неговата земја да биде „ангажирана во пост-југословенски развој“ и додаде дека Велика Британија ќе и помогне на Србија да се спротивстави на „злобното влијание“ и „манипулацијата“ на Русија. „Од наш интерес е да помогнеме на отпорноста на земји како Србија од злонамерни активности и влијанија. На места каде што гледаме дејствувања на други нации, слабеење на земјите или нивно поткопување или обид за манипулација, тогаш, се разбира, тоа е во нашиот интерес да го испровоцираме тоа (дејствување) и да ги поддржиме тие земји, рече Валас. РСЕ во денешниот текст потенцира дека во официјалните соопштенија по средбата со Волас на страниците на претседателот на Србија и на Министерството за одбрана не се наведува дека двете страни потпишале документ кој се спротивставува на руско мешање. Од редакцијата наведуваат дека српското Министерство за одбрана не било достапно за коментар. Во интервјуто за британски Телеграф, Бен Валас рече дека на Велика Британија „не и пречи“ што Србија има пријателски односи со Русија, бидејќи „Србија е воено неутрална“. - Ние не сме во руската игра за да ја земеме земјата здраво за готово и да се обидуваме да ја натераме да избере, рече Валас. - Ние сакаме најдобра безбедност за народот во Србија, но и натаму ни треба поделба на товарот и некои партнери ќе бидат помалку традиционални отколку што мислите, вклучително и Србија, додаде тој. Србија и Русија одржуваат блиски односи и покрај апелите на западните земји и Европската унија до Србија, како земја кандидат за членство во ЕУ, да ја усогласи својата надворешна политика со европската. јт/

Остани поврзан