• петок, 30 август 2024

Британска вечер на „Охридско лето“ со пијанистот Бери Даглас

Британска вечер на „Охридско лето“ со пијанистот Бери Даглас

Охрид, 19 јули 2024 (МИА) – Музичката програма на „Охридско лето“ продолжува со британската вечер, со концертот на пијанистот, маестро Бери Даглас.

Концертот е со почеток во стандардниот фестивалски термин од 21 часот, на сцената на катедралната црква „Света Софија“.

На програмата се дела на Пуберт, Чајковски, Мусоргски.

Меѓународната кариера на Даглас започнува по победата и закитувањето со златен медал на престижниот натпревар „Чајковски“ во Москва во 1986 година. Како уметнички директор на Камерата Ирска, единствен комплетно ирски ансамбл, како и на Фестивалот во Кланденбој, тој продолжува да го слави своето ирско потекло, додека е постојано присутен на меѓународната музичка сцена. Последните неколку сезони настапува на турнеи низ В. Британија со Естонскиот национален симфониски оркестар, како и со Варшавската филхармонија и Националниот оркестар во Лил (Франција).  Настапува и со Лондонската филхармонија, оркестрите во Санкт Петербург и Москва, Рускиот национален оркестар, оркестрите во Ванкувер и Колорадо, како и со оркестарот „Хале“ во Манчестер.

Како музичар со рецитали  и камерен музичар, Бери Даглас настапува во престижни сали како Ројал Алберт Хол, Барбикан и Вигмор Хол во Лондон, на фестивалот во Вербие, во Забранетиот град и во концертната сала во Пекинг, во Големиот театар во Шангај како и во други градови во Кина. Во минатото настапувал со Симфонискиот оркестар на Би-Би-Си, Симфонискиот оркестар на Сингапур и Берлин, Штатскапеле Хале, оркестрите во Синсинати, Сиетл, Мелбурн, Сиднеј, Кралската филхармонија во Ливерпул, филхармонијата во Хонг Конг и др.

Снима за издавачката куќа „Чандос“ и неодамна издаде комплет од 6 ЦД-а со комплетните дела за соло пијано на Јоханес Брамс, додека сега се фокусира на делата за пијано на Шуберт и Чајковски. Со оваа издавачка куќа, Даглас особено внимание посветува на ирската фолк музика низ неговите аранжмани работејќи со стари мелодии, но и со дела на современи композитори кои пишуваат во тој идиом.

Во 1999 година го основа камерниот оркестар Камерата Ирска кој има за цел да ги обедини најталентираните млади музичари кои живеат во Северна Ирска и Република Ирска. Покрај што овој оркестар се стреми кон високо професионални изведби, меѓу останатото има за цел да промовира дијалог и соработка преку музичкото образование. Редовно настапуваат на турнеи низ целиот свет, а еден од најзначајните настапи е оној на фестивалот Би-Би-Си Промс, како и светската премиера на нова кантата заедно со Лондонскиот симфониски оркестар со цел промоција на изборот на Дери – Лондондери за град на културата во 2013 година.

Во 2021 година Бери Даглас е одликуван со орден „Командир на Британската империја“ за заслуги во музиката и општеството. Ова одликување доаѓа по неговото прво големо признание во 2002 година кога е одликуван со орденот „Order of the British Empire (OBE) за неговата работа во областа на музиката. аб/бак/

Фото: Охридско лето

 

Остани поврзан