Британска армија: Повторно нападнат товарен брод во Аденскиот Залив
- Нападот се случил на околу 110 километри југоисточно од Аден, каде што беспилотното летало ја погодило левата страна на бродот, соопшти британската Агенција за поморски трговски операции, дел од британската морнарица што ги надгледува водните патишта на Блискиот Исток.
Лондон, 17 јануари 2024 (МИА) - Товарен брод бил нападнат во Аденскиот Залив, најверојатно со дрон со бомба, информира британската војска.
Нападот се случил на околу 110 километри југоисточно од Аден, каде што беспилотното летало ја погодило левата страна на бродот, соопшти британската Агенција за поморски трговски операции, дел од британската морнарица што ги надгледува водните патишта на Блискиот Исток.
Капетанот на бродот пријавил дека на пловилото избувнал пожар, кој набрзо бил изгаснат, а властите ги истражуваат околностите под кои дошло до инцидентот.
Британската војска засега не го идентификуваше бродот ниту соопшти кој е осомничен за нападот, а ниту една група не ја презеде одговорноста.
За претходните напади одговорност презеде јеменската бунтовничка група Хути. ссм/
фото: UKMTO