• среда, 27 ноември 2024

Британската министерка за внатрешни работи Суела Браверман ја обвини полицијата за пристрасност

Британската министерка за внатрешни работи Суела Браверман ја обвини полицијата за пристрасност

Лондон, 9 ноември 2023 (МИА) - Британската министерка за внатрешни работи Суела Браверман денеска влезе во нова конфронтација со полицијата откако ја доведе во прашање нејзината непристрасност во однос на пропалестинските демонстрации планирани за овој викенд, пренесоа француските медиуми.

Во напис објавен во весникот „Тајмс“, конзервативната министерка кажа дека има впечаток дека полицијата фаворизира одредени групи и применува двоен стандард. 

Владата, предводена од конзервативците, веќе неколку дена го изразува своето неодобрување на пропалестинските демонстрации планирани за сабота. Премиерот Риши Сунак кажа дека тие најавени демонстрации се „непочитување“ кон  одбележувањето на годишнината од примирјето на крајот на Првата светска војна, што ќе се одржи во исто време.

Вчера премиерот изврши притисок врз полицијата во Лондон, која одби да ги забрани демонстрациите. Тој го критикуваше началникот на полицијата Марк Роули и предупреди дека ќе го смета за „одговорен“ за какви било проблеми. 

Министерката Браверман најавените демонстрации ги опиша како „марш на омраза“.

„Не верувам дека овие настани се само повици за помош за Газа“, наведе таа во пост, посочувајќи дека некои од организаторите „имаат врски со терористичките групи, вклучувајќи го и Хамас“.

„Десничарските и националистичките демонстранти кои настапуваат агресивно со право наидуваат на остар одговор, Пропалестинските толпи се однесуваат на истиот начин, но во голема мера се игнорираат дури и кога јасно го кршат законот“, додаде таа.

-Разговарав со сегашни и поранешни полицајци кои го забележаа овој двоен стандард, рече Браверман.

Оваа министерка пред неколку години предизвика остри реакции во јавноста откако кажа дека некои бездомници живеат на улица „по свој избор“, како и со  своите цврсти сатови за миграцијата.

Том Винзор, поранешен шеф на агенцијата која го набљудува однесувањето на полицијата за Би-Би-Си изјави дека коментарите на Браверман се „без преседан“ и дека министерката „ја премина границата“. сд/

фото: МИА архива

Остани поврзан