• вторник, 26 ноември 2024

Британската истражувачка и научник Џејн Гудал доби „Барбика“ по својот лик и име

Британската истражувачка и научник Џејн Гудал доби „Барбика“ по својот лик и име

Лондон, 12 јули 2022 (МИА) - Британската истражувачка и научник Џејн Гудал доби „Барбика“ по својот лик и име, со што ѝ се исполни долгогодишната желба да има ваква кукла којашто ќе ги инспирира младите девојки.

Компанијата „Мател“ ја претстави новата „Барбика“, за која производителот вели дека е направена од рециклирана пластика, како дел од серијата инспирација за жени, пофалувајќи ги револуционерните истражувања на Гудал за шимпанзата и напорите за нивно зачувување. Облечена во светлокафена кошула и бермуди, со тетратка в рака и двоглед околу вратот, куклата крај себе го има и Дејвид Грејбирд - првото шимпанзо кое му пришло на приматологот при истражувањата во Националниот парк Гомбе, денес во Танзанија во источна Африка. - Сакав кукла како мене уште пред да дојдат до оваа замисла. Гледав мали девојчиња како си играат со куклите Барби и, некако на почетокот, сите тие беа многу... „девојчински“, па помислив дека на овие мали девојчиња им треба некаков избор, изјави Гудал. - „Мател“ го промени својот избор на кукли и сега имаат и астронаути и лекари и слични работи. Толку многу деца учат за мене на училиште. Ќе бидат воодушевени што ќе имаат и „Барби“ кукла. Гудал, која е на залезот од деветтото десетлетие од својот живот, го започна своето истражување во Африка во 60-тите, набљудувајќи како шимпанзата прават алатки, ловат, јадат месо и како покажуваат сочувство, меѓу другите својства и особини.  си/

Остани поврзан