• среда, 25 декември 2024

Брисел: Со раскинување на договорот со САД, Црна Гора ги усогласи своите ставови со ЕУ

Брисел: Со раскинување на договорот со САД, Црна Гора ги усогласи своите ставови со ЕУ

Брисел, 17 октомври 2024 (МИА) - Со раскинувањето на договорот со САД за изземање на нивните државјани од надлежноста на Меѓународниот кривичен суд, Црна Гора презеде неопходни процедурни чекори за да осигура целосна соработка со судот и да ги усогласи своите ставови со Европската Унија, потврдија институциите во Брисел, јави Радио Слободна Европа на српски јазик.

„Ова ја доведува Црна Гора во согласност со заедничките ставови на ЕУ за интегритетот на Римскиот статут и водечките принципи на ЕУ за билатерални договори за имунитет, што е извонредна мерка во Поглавјето 31 од преговорите за пристапување на Црна Гора во Унијата“, се наведува во писмениот одговор од портпаролот на ЕУ.

Црна Гора е држава потписничка на Римскиот статут, и како таква, земјата има обврска да соработува во целост со Меѓународниот кривичен суд, се додава во одговорот.

Овој чекор е значаен предуслов за затворање на Поглавјето 31 во преговорите за пристапување меѓу Подгорица и Брисел, кое опфаќа надворешна политика, безбедност и одбрана. Со исполнување на овој предуслов, Црна Гора може да се надева на затворање на ова поглавје.

Сепак, останува нејасно кога точно ќе биде затворено Поглавјето 31, иако се очекува дека во декември Црна Гора ќе одржи меѓувладина конференција на која ќе бидат привремено затворени некои поглавја од пристапните преговори.

Владата на Црна Гора очекува до крајот на годината да затвори четири поглавја.

„Државите членки на ЕУ се надлежни за донесување одлуки во однос на пристапните преговори. Прерогатив на Претседателството на Советот е да свика меѓувладина конференција, која би можела да донесе одлука за привремено затворање на Поглавјето 31, кое опфаќа надворешна, безбедносна и одбранбена политика“, се наведува во одговорот од седиштето на ЕУ.

Министерството за надворешни работи на 27 септември дипломатски го информираше САД дека го раскинува договорот со таа земја за изземање на нивните државјани од надлежноста на Меѓународниот кривичен суд, соопшти црногорската Влада на 11 октомври.

Четири дена подоцна, до Европската комисија беше доставена копија од нотата, се наведува во истото соопштение.

САД не го потпишаа Римскиот статут, со кој е основан Меѓународниот кривичен суд, додека Европската Унија од почеток го поддржува ова тело.

Црна Гора во јуни го деблокираше долгогодишниот застој во процесот на пристапни преговори и со тоа официјално стана лидер во регионот по однос на процесот. Земјата веќе ги отвори сите поглавја во процесот, сега активно работи на нивно затворање. На Црна Гора се гледа како на прва идна членка на ЕУ.

Во пристапните преговори се обработуваат сите 35 поглавја, кои се поделени во шест кластери. ссм/

фото: архива

Остани поврзан