• сабота, 23 ноември 2024

Бразилците преименуваа клуб во Мариупол

Бразилците преименуваа клуб во Мариупол

Сао Паоло, 25 април 2023 (МИА) – Украинската заедница во јужен Бразил одлучи да ја преименува локалната екипа во ФК Мариупол во знак на солидарност со украинскиот прволигашки клуб кој беше распуштен по руската инвазија врз Украина.

АА Бател, клуб од регионот Прудентополис, во бразилската сојузна држава Парана, ги презеде боите на дресот, грбот и логото на Мариупол, една година откако клупските простории и градскиот стадион беа уништени во инвазијата која официјална Москва ја нарекува специјална воена операција.

„Клубот Мариупол го претставува идентитетот на нашата заедница која над 70 отсто ја сочинуваат Украинци и украински потомци“, изјави претседателот на АА Бател, Алекс Лопес.

„Украина отсекогаш на неверојатен начин го поддржуваше големиот бразилски фудбалски талент и стана важна порта за влез на бразилските играчи на европскиот пазар. Ова е најмалку што можеме да сториме за да помогнеме нивниот клуб да се одржи во живот и да им дадеме надеж на Украинците ширум светот“, додаде тој.

Украинскиот клуб Мариупол, формиран во 1992 година под името Иљичевец, настапуваше во квалификациите за Купот на УЕФА и Лига Европа, последен пат во сезоната 2019/20. ег/паг/

Фото: Фејсбук

Остани поврзан