• петок, 27 септември 2024

Бразилскиот претседател повика на акција против климатските промени и глобалната нееднаквост

Бразилскиот претседател повика на акција против климатските промени и глобалната нееднаквост

Њујорк, 24 септември 2024 (МИА) - Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, својот говор од говорницата на Генералното собрание на ОН го почна посветувајќи внимание на палестинската делегација и претседателот Махмуд Абас, кои „првпат учествуваат на отворање на сесија, иако како членка - набљудувач“.

Потоа тој побара повеќе меѓународни акции, укажувајќи дека дури и по глобалната пандемија со Ковид-19, светските лидери не ја засилиле соработката. Посочувајќи на високото глобално воено трошење, Лула да Силва рече дека „овие ресурси можеа да се искористат за финансирање на борбата против гладот и климатските промени“.

Бразил традиционално е првата земја што говори на Генералното собрание на ОН, уште од 1955 година. Јужноамериканската земја со години волонтирала за она што се сметало за неатрактивен термин, што подоцна стана норма.

Бразилскиот претседател, кој често го критикува Израел, рече дека она што започна како „терористички чин од фанатици против невини израелски цивили, се претвори во колективна казна за целиот палестински народ“.

„Правото на одбрана стана право на одмазда“, рече тој, додавајќи дека е загрижен и за ескалацијата на ситуацијата во Либан.

Да Силва го спомена и драматичното зголемување на бројот на раселени лица низ светот, поттикнати од конфликти како оние во Јемен и Судан.

Посебен фокус стави на руската инвазија на Украина, за која Бразил се обидува да преземе улога на мировен посредник. - Создавањето услови за обновување на директниот дијалог меѓу страните е клучно во овој момент, рече тој.

Бразил е дом на големи делови од амазонската прашума, и Лула дојде на функцијата ветувајќи дека ќе се бори против сечењето на шумите и климатските промени. Сепак, се соочува со многу домашни пречки во исполнувањето на ова ветување.

- Планетата веќе не чека да побара наплата од за следната генерација, таа е заситена од неисполнети климатски договори, од запоставени цели за намалување на јаглеродот и од финансиската помош за сиромашните земји која не пристигнува, рече Лула.

„Мојата влада не ја пренесува одговорноста, ниту пак се откажува од суверенитетот. Веќе направивме многу, но знаеме дека многу повеќе треба да се направи.“

Тој повика земјите да ги исполнат глобалните климатски ветувања, додека истовремено истакна дека „нема да толерира“ еколошки криминал и продолжување на сечењето на шумите во Бразил.

Бразилскиот лидер го заврши својот говор со критика на глобалната нееднаквост, велејќи дека лидерите повеќе „не смеат да прифаќаат глад, нееднаквост, невработеност и насилство во глобализираниот свет“.

- Не е логично да се прибегне кон лажни патриоти и изолационисти, додаде тој.

Тој ја спомена и Глобалната алијанса против гладот и сиромаштијата, бразилска иницијатива која треба да започне во ноември, како една можност за соработка.

Лула, исто така, истакна дека Организацијата на Обединетите нации „ќе наполни 80 години“, но Повелбата на ОН никогаш не претрпела темелни реформи.

Кога беа основани ОН, бевме 51 земја. Сега сме 193 земји. Неколку земји, главно на африканскиот континент, беа под колонијално владеење кога беа основани ОН и немаа збор за нивните цели и функционирање. Нема родова рамнотежа на највисоките позиции, позицијата генерален секретар никогаш не ја држела жена, забележа Лула. ссм/

фото: ЕПА

 

Остани поврзан