Бразилскиот претседател го осуди нападот на „антидемократските сили“ врз институциите
- - Бразил испрати порака до сите амбициозни автократи и оние што ги поддржуваат – нашата демократија и нашиот суверенитет не подлежат на преговори, рече тој.
Њујорк, 23 септември 2025 (МИА) - Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва денеска, од говорницата на ОН, ги нападна „антидемократските сили“ кои ги напаѓаат институциите, истакнувајќи дека Бразил му испратил порака на светот осудувајќи го неговиот претходник за обидот за државен удар.
- Низ целиот свет, антидемократските сили се обидуваат да ги покорат институциите и да ја задушат слободата, рече тој, осудувајќи ја „интервенцијата“ во внатрешните работи на Бразил.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, и неговата администрација неколку месеци вршеа притисок врз бразилските власти, обвинувајќи ги за „лов на вештерки“ во случајот против поранешниот претседател Жаир Болсонаро, кој е сојузник на Трамп.
Во својот говор, одржан веднаш по тој на бразилскиот лидер, американскиот претседател рече дека тие двајца се сретнале накратко за време на Генералното собрание на ОН и се договориле да разговараат следната недела.
- Јас пристигнав, а бразилскиот лидер си заминуваше, рече Трамп.
Бразилскиот лидер истакна дека неговата земја му испратила порака на светот со осудата на поранешниот претседател.
- Бразил испрати порака до сите амбициозни автократи и оние што ги поддржуваат – нашата демократија и нашиот суверенитет не подлежат на преговори, рече тој.
На 11 септември, бразилскиот Врховен суд го осуди Болсонаро на 27 години затвор по историски процес, на кој беше прогласен за виновен за заговор да остане на власт откако ги загуби изборите од кандидатот на левицата во 2022 година.
Како одговор, Вашингтон наметна 50 отсто казнени царини на дел од бразилскиот извоз во САД и донесе низа санкции против претседателот на Врховниот суд, Алишандри де Мораис, и неговата сопруга. ссм/
фото: ЕПА