• вторник, 24 декември 2024

Бојмацалиев: Се работи на случајот со хакерскиот напад врз МЕПСО

Бојмацалиев: Се работи на случајот со хакерскиот напад врз МЕПСО

Струмица, 16 март 2024 (МИА) - Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев за време на денешната посета на СВР Струмица одговорајќи на новинарско прашање, изјави дека се работи на случајот на хакерскиот напад врз МЕПСО и кога ќе имаат информации, ќе ги споделат со јавноста. Истрагата, како што рече, треба да покаже кој стои зад нападот.

Прашан да ја коментира веста дека е поднесена пријава до надлежно Јавно обвинителство против вработените во СВР Струмица кои наводно дозволиле да застари дисциплинска постапка, Бојмацилев одговори дека не е поднесена кривична пријава против ниту еден вработен.

-Има известување до Одделот за внатрешна контрола и известување до јавниот обвинител да се провери целиот случај. За конкретниот случај, се работи дека на некое лице му е затаена целата дисциплинска постапка. И до мене и до министерот Тошковски има акт, во кој се вели дека тој случај е застарен и треба да се затвори и е потпишан од двајцата, одговори Бојмацалиев.

Прашан како ја коментира фотографијата на која наводно командир на ТТПЕ Велес пребарува во документи во СВР Велес, дополнителниот заменик министер потврди дека е излезена таква фотографија и дека дел од Управните служби на овој Сектор пред две недели се пренесени во ТППЕ Велес.

-За ова е известена Внатрешна контрола, СВР Велес и јавен обвинител и веќе заеднички работат на испитување на случајот и докажување на автентичноста на фотографијата и на ликовите кои се таму и се надевам дека во наредните денови ќе имаме конкретен извештај кој ќе го споделиме со јавноста, одговори Бојмацалиев.

Тој додаде дека не сака да поверува дека некој од друга институција се дрзнал да влезе во МВР и да ги пребарува личните документи на граѓаните кои треба да се строго заштитени и доколку се утврди дека е така Бојмацалиев најави најстроги казни.

Инаку, дополнителниот заменик министер за внатрешни работи покрај СВР Струмица ги посети и Одделенијата за внатрешни работи во Радовиш и Валандово, а безбедноста состојба на подрачјето на овој Сектор ја оцени како поволна. Бојмацалиев посочи дека СВР Струмица ќе продолжи со несмален интензитет во полициското работење со цел одржување на поволната безбедносна состојба и гарантирање на фер и демократски изборен процес.рт/бт/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан