• сабота, 23 ноември 2024

Бојмацалиев: По 53 години почнува реконструкцијата нa Центарот за обука при МВР

Бојмацалиев: По 53 години почнува реконструкцијата нa Центарот за обука при МВР

Скопје, 21 февруари 2024 (МИА) - Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски денеска го посетија Центарот за обука во Идризово, каде почнуваат градежни активности за реконструкцијата на целиот комплекс. 

Како што информира МВР, реконструкцијата на Центарот за обука во Идризово е по 53 години, како 82. објект во рамки на планот за реконструкција на полициски објекти низ државата.

- Исполнети се сите законски услови за отпочнување на комплетната реконструкција на Центарот, што ќе опфати реконструкција на Управната зграда со мензата, двата павилјона за сместување и школски  објект со придружните објекти, спортската сала, во вкупна вредност на градежните активности над 180.000.000 денари со вклучен ДДВ, рече Бојмацалиев.

По 53 години, како што рече, успеавме да го започнеме овој процес на унапредување на условите за настава каде што го регрутираме подмладокот на македонската полиција.  - Од страна на раководството на Центарот добив уверување дека процесот на реконструкција нема да влијае на наставата за основна обука за полицаец и дека сите активности ќе бидат изменаџирани се со цел да не влијае на квалитетот на обуката, рече Бојмацалиев.

Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи оствари работен состанок со раководството на Центарот за обука, на кој беше информиран за тековните активности и тоа дека паралелно наизменично се одвиваат обуките за кандидати за полициски службеници, едната хибридно, а другата со физичко присуство.

Бојмацалиев и Тасевски извршија увид и обиколка на објектите што ќе бидат реконструирани, ги посетија и  просториите за обука каде се   одвива хибридна, односно онлајн настава со цел зголемување на капацитетите на македонската полиција преку еден дигитализиран процес на полициско образование.

На крајот од  посетата, Бојмацалиев и Тасевски појадуваа заедно со кадетите од Центарот за обука кои ја слушаат тековната настава со цел, како што се наведува, уште еднаш заеднички да се  уверат дека одлично функционира и се применува новиот концепт на исхрана, кој покрај за припадниците на Одделот за специјални полициски операции (САЕ Тигар и ЕБР) е воведен и тука во Центарот за обука.

- Патот на создавање добар полициски службеник бара посветеност и одговорно и домаќинско работење. Ние како раководство на МВР сме тука да ги обезбедиме сите потребни ресурси и поддршка за да ви овозможиме успешна обука и подготовка. Наш врвен приоритет е грижата за вработените во МВР, да имаат сè што им е потребно за да ги извршуваат законските должности достоинствено, рече Бојмацалиев. мд/дма/

Фото и видео: МВР 

Остани поврзан