• среда, 25 декември 2024

Бојмацалиев: ЕВР Ѓорче Петров со 50 отсто реализација на кривични дела по службена должност

Бојмацалиев: ЕВР Ѓорче Петров со 50 отсто реализација на кривични дела по службена должност

Скопје, 14 март 2024 (МИА) - Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев денеска остварил работна средба со раководството на Единицата за внатрешни работи Ѓорче Петров при Секторот за внатрешни работи Скопје, во рамки на серијата посети на организационите единици при МВР на територијата на целата државата, со цел согледување на сработеното и маркирање на идните активности, соопшти МВР.

Полициската станица во Ѓорче Петров, како што велат од МВР, е дел од планот за квалитативно унапредување на работните услови на вработените, како нова градба  која беше пуштена во употреба кон крајот на 2017 година од поранешниот министер Оливер Спасовски, со што значително беа подобрени работните услови на вработените.

- Во рамки на планот за материјално-техничко подобрување на условите и средствата за работа се и 80-те комплетно реконструирани полициски објекти низ државата, а во тек е целосна реконструкција на Центарот за обука во Идризово и Управните служби во МТВ, како и нова градба на полициска станица во Аеродром, се наведува во соопштението.

Воедно, како што информираат од МВР, пред околу три месеци беа промовирани 20 комбиња наменети за СВР Скопје, од кои дел беа предадени на ЕВР Ѓорче Петров, во насока на модернизирање на опремата на полицијата на ова подрачје.

Од страна на раководството на ЕВР Ѓорче Петров, Бојмацалиев бил брифиран за поволната безбедносна состојба на подрачјето во надлежност на оваа организациска единица, како и за резултатите во изминатите два месеци од 2024 година.

-На подрачјето на ЕВР Ѓорче Петров во текот на јануари и февруари 2024 година евидентирани се 103  кривични дела по службена должност или 15 отсто од евидентираните кривични дела по службена должност на СВР Скопје. По структурата на криминалитетот, најголем дел се за тешка кражба, загрозување на безбедноста на сообраќајот, како и измами и разбојништва, истакнал Бојмацалиев.

На работната средба тој информирал за реализацијата на кривичните дела.

-За овие два месеца реализирани се вкупно 48 кривични дела, против 35 сторители, за што се поднесени 43 кривични пријави, или тоа значи 50 отсто реализација на кривичните дела, нагласил Бојмацалиев, со уверување дека вработените во оваа организациска единица ќе продолжат со засилено темпо во расветлувањето на кривичните дела. дма/са/

Фото: МВР

 

Остани поврзан