• вторник, 17 декември 2024

Бојкот на наставата од вработените во Гимназијата „Ванчо Прке“ во Виница поради разрешување на досегашниот директор

Бојкот на наставата од вработените во Гимназијата „Ванчо Прке“ во Виница поради разрешување на досегашниот директор

Кочани, 15 октомври 2024 (МИА) – Педесетина професори и технички лица кои се вработени во СОУ „Ванчо Прке“ во Виница денеска ја бојкотираа наставата и излегоа на протест за да го искажат незадоволството од разрешувањето на директорот на училиштето.

Одлуката за разрешување ја донел градоначалникот на Виница Миле Петков, а професорите и другите вработени за тоа дознале на состанокот на наставничкиот совет, на кој досегашниот директор ги информирал дека од вчера веќе не е на оваа функција.

-Нашиот колектив, со над 80 отсто од вработените, одлучи да ја бојкотираме наставата поради нерегуларната промена на директорот, но уште поголема причина за револтот е назначувањето на лице против кое се водат активни постапки за мобинг кон вработените. Државниот просветен инспекторат констатираше дека трпиме константно насилство, мобинг, уцени, притисоци и закани од новоназначената директорка, чијашто сестра е и секретар во училиштето, а нејзиниот сопруг е наставник во истото училиште. Градоначалникот создава услови за непотизам и нарушување на училишната клима и угледот на училиштето, а не ја почитува ниту одлуката на Училишниот одбор, истакна Јадранка Здравкова, професорка во СОУ „Ванчо Прке“.

Професорите утрово имале средба со градоначалникот Петков, при што го информирале дека тие се максимално аполитизирани во врска со случајот и побарале за директор да биде назначено лице кое ги исполнува барем минималните стандарди во образованието и во однесувањето кон колективот.

-Одлуката за назначување на нов директор е затоа што за претходниот добивме известување од Државниот просветен инспекторат за констатирани неправилности во работењето, спротивно на Законот за средно образование. Јас немам голем избор за назначување нов раководител, затоа што освен досегашниот директор има уште две лица со положен директорски испит и морав да се одлучам за едно од нив. Според Законот, мандатот на в.д. директорот е најмногу до шест месеци, што значи дека во наредниот период ќе се распише јавен оглас за избор на директор и тоа ќе биде шанса за сите кандидати, истакна градоначалникот Петков.

Вработените кои излегоа на протест нагласија дека бојкотот на наставата ќе трае сè додека не биде исполнето нивното барање, а го обезбедиле законскиот минимум од кадар за извршување на наставниот процес. та/мд/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан