• вторник, 24 декември 2024

Бочварски: Развојот на општините да продолжи согласно сите можности од Законот за урбанистичко планирање

Бочварски: Развојот на општините да продолжи согласно сите можности од Законот за урбанистичко планирање
Скопје, 4 март 2021 (МИА) - Важно е растот и развојот на општините да продолжи согласно сите можности и процедури што ги нуди Законот за урбанистичко и просторно планирање, порача денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, по вчерашната одлука на Уставниот суд за укинување на мораториумот за градење во Општина Центар. Одговарајќи на новинарско прашање за комуникацијата помеѓу ресорното Министерство и Општина Центар, Бочварски истакна дека постоечкиот Закон за урбанистичко планирање нуди одредени можности.  Доколку одредени урбанистички планови што ја загрозуваат животната средина и растот на општината, појасни, таа треба да поднесе елаборат со којшто ќе гарантира дека имаме одредени нарушувања на урбаното планирање и потоа да се разгледува во Министерството за транспорт и врски. -Во однос на ова прашање Уставен суд донесе своја  одлука во врска со мораториумот што е укинат како одлука на Општина Центар. Постоечкиот Закон  за урбанистичко планирање нуди одредени можности. Ние разговараме со Општина Центар, тие ги бараат одговорите на овие прашања од нас, но најважно од се е дека доколку имаат одредена потреба на одредени урбанистички планови што ја загразовуваат животната средина, растот на општината итн, тие треба да поднесат елаборат со којшто ќе гарантираат дека имаме одредени нарушувања на урбаното живеење, планирање, итн, и потоа да се разгледува во Министерството за транспорт и врски, рече Бочварски. Важно е, дополни, дека ДУП-овите кои се донесени и изгласани од Советот на општината  се во сила заради тоа што истата таа општина некогаш ги изгласала.  - Така што, може Општина Центар како матична општина, тоа се нивни урбанистички планови, да разработува свои планови и стратегии како ќе работат понатаму. Важно е растот и развојот на општините да продолжи и да продолжи комуникацијата согласно сите можности и  процедури што ги нуди Законот за урбанистичко и просторно планирање, наведе Бочварски. Уставниот суд, како што стои во соопштението објавено на нивната веб страница, на вчерашната седница ја укина Одлуката за начинот на применување на деталните урбани­стички планови, бр.08-1859/2 од 27.03.2019 година, донесена од Советот на Општина Центар („Службен гласник на Општина Центар“ бр.6/2019 од 28.03. 2019 година) и го стави вон сила Решението за запирање на извршу­вањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на актот, означен во точката 1 од оваа одлука.лв/дма/

Остани поврзан