• вторник, 24 декември 2024

Бочварски: Општина Охрид е незаинтересирана да додаде дополнителни аргументи за поништување на одобрението за градење објект на Лагадин

Бочварски: Општина Охрид е незаинтересирана да додаде дополнителни аргументи за поништување на одобрението за градење објект на Лагадин

Скопје, 10 март 2023 (МИА) - Министерството за транспорт и врски не го потврди одобрението за градење на објектот во Лагадин, затоа според пресудата на Управниот суд и укажавме на Општина Охрид по кој било друг основ да ја разгледа постапката за одобрението за градење и прибавената документација и да донесе решение за ништовност, изјави денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на прес-конференција во Министерството.

Министерот, образложувајќи ги сите постапки што се воделе од 2016 година, истакна дека тоа е процес и постапка што се водела во Општина Охрид за објект од втора категорија која е во ингеренции и надлежност на Општината.

-Во 2017 година Општина Охрид на инвеститорот му издава одобрение за градење за изградба на објект на Лагадин. Во 2017 година, Општина Охрид го прогласува за ништовно одобрението што сама го издала. Инвеститорот во неколку наврати поднесува жалба до Министерството. Во 2019 година Министерството ја одбива жалбата на инвеститорот и го потврдува решението на Охрид со што и двете институции се на иста линија во однос на предметот. Во 2019 година инвеститорот поведува управен спор и тужба на Управен суд против Министерството и Општина Охрид. На 7 ноември 2019 година, Управниот суд донесе пресуда против решението на Министерството и Општината со што го задолжува Министерството да го врати предметот во Општина Охрид која треба да постапи по пресудата на Судот, образложи Бочварски.

Во 2020 година, пак, како што додаде, Општина Охрид донела ново решение за поништување на одобрението за градба и Министерството и тогаш повторно ја потврдило одлуката на градоначалникот. Против ова решение во 2020 година инвеститорот повторно повел управен спор пред Управен суд против Министерството и Општината. Во 2022 година Управниот суд донел пресуда од 10 страни со детални насоки дека по донесените докази од Општина Охрид одобрението не може да биде прогласено за ништовно.

-Во истата предудата Управниот суд како највисок орган го задолжува Министерството да постапи мериторно и дава можност на Општина Охрид да ја разгледа повторно постапката за давање одобрение за градење и доколку има друг основ да го прогласи за ништовно одобрението за градење по друг основ не по овој по кој е прогласено во 2017 година. Овде јасно се гледа незаинтересираност на Општината да го разработи детално целиот предмет, да додаде дополнителни аргументи за поништувањето на одобрението, туку напротив само го потврдува претходното спротивно насоките од Управниот суд, нагласи Бочварски.

Во Министерството влегла и управна инспекција и со решение ги опоменала и министерот и Министерството задолжително да донесат мериторна одлука по насоките на Управниот суд.

-Министерството после задолжението од Судот и управната инспекција носи решение со кое на Општината и укажува дека по тој основ не може да го поништи решението за градење согласно насоките од двете институции кои се над нас, рече Бочварски.

Комисијата за УНЕСКО, посочи Бочварски, дава препорака на Општината да го преиспита целосно одобрението за градење во делот на целата постапка и се уште, како што нагласи, не е јасно зашто тоа не го прави Општина Охрид по шест години од издавањето одобрение за градење и не сака да ја разгледа целата постапка.

-Нема да дозволам ниту јас ниту Министерството, ниту Владата да бидеме оправдание за погрешните одлуки и политики на Општината со кои во 2016 година донеле одлука за правосилно одобрение за градење, а во наредните години бараат тоа решение да биде поништено. Јавно го повикувам градоначаликот дека нема потреба од манипулација или двојни игри, може да го отвори повторно предметот на разгледување во Општина Охрид нешто што од него го побара и Комисијата за УНЕСКО. И тоа може да го направи по сите основи само не по овој. Доколку не знае како, Министерството стои на располагање да помогне во понатамошните постапки со цел да дојде правдата во однос на овој објекти или за секој друг објект, заклучи Бочварски. мс/аа/

Фото: МИА

 

Остани поврзан