• вторник, 24 декември 2024

Босна и Херцеговина: Обвинение против 15 лица и шест приватни универзитети поради фалсификување дипломи

Босна и Херцеговина: Обвинение против 15 лица и шест приватни универзитети поради фалсификување дипломи

Сараево, 3 јули 2024 (МИА) – Обвинителството на Босна и Херцеговина подигна обвинение против 15 лица и шест приватни универзитети од Мостар, Бања Лука и Брчко, кои се обвинуваат за фалсификување дипломи. Според обвинителното соопштение, обвинетите се товарат за здружување за извршување на кривични дела, корупција и незаконска трговија со десетици високообразовни дипломи.

Дипломите се од областа на економија, право, техничко-инженерски науки, здравство и менаџмент.

Обвинителството на БиХ истакнува дека обвиненијата се резултат на опсежна истрага спроведена во соработка со Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) во изминатите две години, при што се собрани илјадници материјални докази и се сослушани 130 сведоци, вклучувајќи и членови на академската заедница.

Истрагата утврди дека се издадени најмалку 49 високообразовни дипломи кои ќе се бараат да се поништат согласно законските постапки, бидејќи е утврдено дека тие дипломи се купени, а лицата на кои се издадени не учествувале во наставата.

Дипломите се купувале за сума од неколку илјади евра, што, според обвинителството, предизвикало голема штета на системот на високо образование во земјата.

Меѓу обвинетите се Зоран Калиниќ, ректор на Независниот универзитет од Бања Лука, Драган Илиќ, сопственик на Високата школа за применети и правни науки од Бања Лука, Владимир Стојановиќ, ректор на Универзитетот за модерни науки ЦКМ од Мостар, Драган Ѓурановиќ, ректор на Универзитетот за бизнис менаџмент од Бања Лука, Денис Прачиќ, вработен во Високата школа „Унион“ Мостар како менаџер и на Универзитетот за модерни науки Мостар, Љубиша Тодоровиќ, вработен во Високата школа „Прометеј“ Бања Лука и ЦКМ Универзитетот Мостар.

Обвинети се и Драган Голијан, професор на универзитетот „Victoria International University“ од Мостар, како и Војислав Шкрбиќ, професор емеритус на „ПИМ“ Бања Лука.

Како правни лица обвинети се Независниот универзитет за политички и социјални науки „НУБЛ“ Бања Лука, Високата школа за применети и правни науки „Прометеј“ од Бања Лука, Универзитетот за бизнис инженеринг и менаџмент „ПИМ“ Бања Лука и нивната подружница во Брчко, универзитетот „Victoria International University“ од Мостар, Високата школа „Унион“ од Мостар и Интернационалниот универзитет Брчко.

За време на судењето, кое се очекува наскоро, обвинителите ќе ја докажуваат вината на обвинетите со сведочење на околу 70 сведоци, осум стручни вештаци и повеќе од три илјади материјални докази. ссм/

фото: СИПА архива

Остани поврзан