• среда, 25 декември 2024

Борел: ЕУ е длабоко шокирана од откривањето масовна гробница во Изјум и најостро ги осудува овие злосторства

Борел: ЕУ е длабоко шокирана од откривањето масовна гробница во Изјум и најостро ги осудува овие злосторства
Брисел, 17 септември 2022 (МИА) - Европската унија е длабоко шокирана од откривањето стотици тела набрзина закопани во близина на Изјум во Украина и „најостро ги осудува овие злосторства“, изјави синоќа шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел. „Руската агресивна војна против Украина остави трага од крв и уништување... Русија, нејзините политички лидери и сите оние кои се вклучени во тековните прекршувања на меѓународното право и меѓународното хуманитарно право во Украина ќе одговараат“, се вели во соопштението на шефот на европската дипломатија. „ЕУ ги поддржува сите напори во овој поглед“, нагласи тој. „Илјадници цивили веќе се убиени, многу други се мачени, прогонувани, сексуално нападнати, киднапирани или насилно раселени. Ова нечовечко однесување на руските сили... мора веднаш да престане“, додаде Борел. Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека „повеќе од 400 тела“ се пронајдени во масовна гробница во близина на Изјум, град кој неодамна беше заземен од украинската армија и вратен под контрола на Киев. Гувернерот на регионот Харков, Олег Синегубов, изјави дека „99 отсто од телата ексхумирани вчера во Изјум имаат траги на насилна смрт“. „Телата ќе бидат испратени на обдукција за да се утврди точната причина за смртта. Секоја смрт ќе биде предмет на истрага и ќе стане доказ за воените злосторства на Русија пред меѓународните судови“, рече Синегубов. паг/  

Остани поврзан