• вторник, 26 ноември 2024

Борел: Војната на Русија против Украина е напад врз темелите на ОН, неутралноста значи да се биде на страната со агресорот

Борел: Војната на Русија против Украина е напад врз темелите на ОН, неутралноста значи да се биде на страната со агресорот
Брисел, 16 јуни 2022 (МИА) - Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел денеска пред Советот за безбедност на ОН изјави дека руската војна против Украина е напад врз темелите на светскиот поредок и дека неутралноста во тој конфликт значи поддршка за агресорот. Борел преку видеоврска истакна дека Русија води војна против Украина на европско тло, но дека тоа не е европска војна, туку „напад врз темелите на ОН и Советот за безбедност, од нејзината постојана членка“. - При агресија, никој не може да биде неутрален. Да се ​​биде неутрален во овој случај значи да се биде на страната на агресорот. Никој не може да живее безбедно во свет каде што незаконската употреба на сила е нормализирана или толерирана, оцени Борел. Тој рече дека руската војна против Украина веќе остави десетици илјади мртви и над пет милиони бегалци, предизвикувајќи ја најбрзо растечката бегалска криза од Втората светска војна. - Оваа војна испраќа бранови низ светот. А тоа води кон веќе постоечката криза со храна поради приносите што веќе трпат поради климатските промени, рече шефот на европската дипломатија. Светската програма за храна проценува дека бројот на луѓе без безбеден пристап до храна е двојно зголемен од 135 милиони пред пандемијата на 276 милиони на почетокот на 2022 година, а тој број ќе се зголеми на 323 милиони поради војната. - Ве повикувам сите да помогнете да се стави крај на војната, да се врати суверенитетот на Украина и да се погрижиме глобалните последици да се спречат, особено растечката криза со храна, рече Борел.

Тој изјави дека Русија во моментов блокира најмалку 20 милиони тони украинско жито што не може да стигне до светските пазари. - Тоа е еквивалент на 300 масивни бродови што треба да се вкотват во пристаништата во светот. Наместо тоа, Русија ги бомбардира украинските пристаништа, инфраструктурата и земјоделското земјиште. Целосно ги поддржуваме напорите на ОН за Украина повторно да ги отвори своите пристаништа и да продолжи со испораката на жито во светот, истакна Борел. Тој нагласи дека санкциите на ЕУ не се причина за недостиг на храна и дека тие се насочени само кон способноста на Кремљ да ја финансира воената агресија, а не кон неговата способност да води легитимна трговија. - Санкциите на ЕУ не забрануваат увоз и транспорт на руска земјоделска стока или вештачки ѓубрива, ниту за плаќањето за таквиот руски извоз, појасни Борел. ссм/

Остани поврзан