• среда, 25 декември 2024

Болтон: САД сакаат да ги обноват нуклеарните проби

Болтон: САД сакаат да ги обноват нуклеарните проби
Лондон, 22 јули 2020 (МИА) - Претставници на Белата куќа изминатите две години имаа низа дебати за САД да продолжат со нуклеарни проби, изјави поранешниот советник за национална безбедност на Белата куќа, Џон Болтон во интервју за „Гардијан“. Болтон, кој и самиот е поборник за продолжување на нуклеарните проби, истакна дека не е донесена одлука за обнова на тестирањата до септември 2019 година, кога тој ја напушти функцијата. Тој истакна дека обновата на нуклеарните проби се неопходни за безбедноста на САД, односно за да може земјата да се потпре на сопствениот нуклеарен арсенал. Додека противниците оценуваат дека компјутерските анализи се доволни и оти нуклеарна проба во САД ќе предизвика низа тестирања во другите држави кои поседуваат нуклеарно оружје. Болтон во интервјуто истакнува дека не зборува за масовно тестирање во атмосферата. - Еден командант ми објасни дека исто е да имаш 5.000 нуклеарни глави, како да имаш 5.000 „Тојоти“ во гаража. Сакаш да знаеш дека кога ќе го завртиш клучот, дали ќе запалат од прва. Ако тоа не се случи, значи не работат, посочи Болтон. На средба во Белата куќа во мај годинава е разгледувана можноста за прва подземна проба на САД по приближно три децении. Тоа предизвика незадоволство кај активистите за контрола на вооружувањето и ги натера демократите да го изменат законот за одбрана за следната година, така што го блокираа финансирањето на подготовките за нуклеарни проби. Според неименуван претставник на американската администрација, мотивот за обнова на нуклеарните тестирања е да се изврши притисок врз Русија и Кина да се согласат на трилатерални нуклеарни преговори. Болтон оцени дека Русија и Кина извршуваат нуклеарни проби, но САД досега не претставија докази за тоа. Тој е категоричен дека САД не треба да го продолжуваат  договорот Нов СТАРТ со Русија од 2010 година, со кој е ограничено распоредувањето на стратешки боеви глави и системите, бидејќи во принцип не го опфаќа тактичко нуклеарно оружје, а Москва поседува многу повеќе такво оружје од Вашингтон. Поранешниот советник на Белата куќа го поддржува барањето на администрацијата на Трамп, Кина и другите нуклеарни сили да бидат вклучени во нукеларните преговори со Русија. ми/

Остани поврзан