• среда, 18 февруари 2026

Болсонаро демантира дека планирал да го напушти Бразил

Болсонаро демантира дека планирал да го напушти Бразил

Бразилија, 18 јули 2025 (МИА) – Поранешниот претседател на Бразил, Жаир Болсонаро, денес оцени дека одлуката на Врховниот суд да носи електронска нараквица е „најголемо понижување“.

Болсонаро ова го изјави на прес-конференција по судската одлука и додаде дека не е точно дека планирал да ја напушти земјата, пренесува Си-Ен-Ен Бразил.

Неговите адвокати изјавија дека се изненадени и згрозени од наметнувањето строги мерки против поранешниот претседател, кој досега, како што тврдат, ги почитувал сите судски одлуки.

Судијата на Врховниот суд на Бразил, Алешандре де Мораес, во судската одлука за поранешниот претседател Болсонаро, истакна дека тој и неговиот син Едуардо Болсонаро дејствувале „здружено, свесно, намерно и незаконски“.

Судијата дополнително наведе дека поранешниот претседател финансиски го помагал својот син Едуардо, кој од март годинава се наоѓа во САД во „преговори со странски власти заради изведување непријателски дејства против Бразил“, што претставува кршење на членот 359-И од Кривичниот законик на Бразил.

Одлуката на судот подразбира носење електронска нараквица, домашен притвор во текот на ноќта и викендите, забрана за комуникација со амбасадори и дипломати, како и со останатите обвинети и осомничени во случајот.

Исто така, на поранешниот претседател му е забрането да користи социјални мрежи. јт/

Фото: МИА архива

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан