Боки 13 со кривични пријави против повеќе поранешни функционери и лица од правосудството
- Како што изјави тој по денешниот распит во Јавното обвинителство, кривичните пријави се дел од кривично-правна операција „Бумеранг“.

Скопје, 10 мај 2024 (МИА) – Бојан Јовановски – Боки 13 поднел кривични пријави против повеќе поранешни функционери, именувани директори, лица кои вршеле јавни функции, судии и обвинители.
Како што изјави тој по денешниот распит во Јавното обвинителство, кривичните пријави се дел од кривично-правна операција „Бумеранг“.
- Се работи за кривични дела кои што се однесуваат на злоупотреба на службената положба и овластување, изборни нерегуларности и измами, незаконско финансирање на политичка партија, злоупотреба на јавни набавки и средства, повеќе кривични дела за кои се поднесени кривични пријави, рече Јовановски.
Тој дополни дека е поднесена кривична пријава и против поранешната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал, Вилма Русковска, за злоупотреба на службена положба, примање поткуп и примена на тортура, против сите генерални секретари на СДСМ, како и против поранешниот претседател на партијата и премиер, Зоран Заев, за кого кажа дека е скоро во секоја пријава.
Неговиот адвокат, Владимир Туфегџиќ, појасни дека доказите се во форма на електронски пораки кои Бојан Јовановски ќе ги образложи и во писмена форма. ар/аа/
Фото: МИА архива