• вторник, 24 декември 2024

Божовиќ за МИА: Промоцијата на филмски дестинации е еден од најпотентните начини за привлекување странски капитал во филмската индустрија

Божовиќ за МИА: Промоцијата на филмски дестинации е еден од најпотентните начини за привлекување странски капитал во филмската индустрија
Скопје, 13 јуни 2022 (МИА) - Предизвиците на малите национални кинематографии е малиот обем на средства за филмска продукција и потребата за пронаоѓање дополнителни начини за промоција на нашата кинематографија. Она што во тој поглед го правиме сите во регионот, но и во светот, тоа е промоцијата на филмски дестинации со стимулации кои кај нас изнесуваат 25 проценти, вели во интревју за МИА Александра Божовиќ, директор на Филмскиот центар на Црна Гора. -Промоцијата на Црна Гора како филмска дестинација ја почнавме во 2019 година кога е направен сајтот filminmontenegro.me. на кој ги промовираме нашите филмски дестинации, од една страна и друга страна мерките за поттикнување кои изнесуваат 25 отсто од квалификуваните трошоци кои странската продукција ќе ги пријави, со обврска минимум преку 100.000 евра да потроши во Црна Гора за да може да се пријави за враќање на средства. Во изминатите три години реализирани се околу еден милион евра приходи од проекти кај нас, при тоа исплатени се околу 220.000 евра како поврат на средства. Главно, тоа се ТВ-серии од регионот, кои меѓу другото се снимани и во Црна Гора, вели директорката на црногорската национална институција за поддршка на филмот. Божовиќ, која има речиси 20 - годишно искуство како менаџер во културата и медиумите, вели, се надева и работи на таа промоција на локациите на Црна Гора. -Сметам дека тоа е еден од најпотентните начини за привлекување на странски инвестиции и странски капитал во нашата земја кога станува збор за филмската индустрија, бидејќи можеме да видиме како тоа го работат земјите во регионот, како работат и Хрватска и Србија, и што значи тоа за нивната филмска индустрија. Со оглед на тоа како сите ние сме поврзани, се одразува и на нас, така нашите луѓе заминуваат од Црна Гора, да работат. Согласно тоа што се случува во регионот наша цел е и ние да станеме една од земјите во регионот која преку тие стимулативни мерки би привлекувала поголем број продукции кои би снимале во Црна Гора, нагласува Божовиќ. Во интервјуто за МИА таа се осврнува, меѓу другото, и на начините како да се поттикне соработката во регионот во сферата на филмската продукција, како и на соработката со Северна Македонија и реализираните малцински копродукции меѓу кои е и филмот „Сестри“ (2021) на македонската режисерка Дина Дума. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија и е регионална копродукција со Црна Гора и Косово. Светската премиера „Сестри“ ја имаше лани, на Фестивалот во Карлови Вари, а црногорската премиера, како што најавува Божовиќ, ќе се случи на 11 август, на овогодинешното издание на Фестивалот „Барски летописи“ во Бар. На оваа премиера најавено е и присуство на режисерката Дума, на која ова и е дебитански филм, на продуцентите и дел од артистичката екипа. Во Црна Гора, пак, во тек е снимањето на филмот на режисерот Иван Мариновиќ „Живи и здрави“, кој е копродукција во која учествува и Агенцијата за филм на Северна Македонија. Во моментов филмската екипа е на полуостровот Луштица, каде треба да заврши со снимање на 23 јуни. Филмскиот центар на Црна Гора е основан во 2017 година со основна цел обезбедување услови за филмска продукција и копродукциска соработка, создавање услови за промоција, презентација и интеграција на современото филмско творештво во регионалните и меѓународни текови, создавање поволни услови за зголемување на бројот и обемот на странски снимања во Црна Гора, подобрување на деловниот амбиент и развој на кинематографијата. Од постоењето до денес ФЦЦГ има поддржано 134 проекти од кои 11 се долгометражно - документарни и исто толку играни долгометражни филмови, а 21 се малцински копродукции. Кои се предизвиците на малите национални филмски системи како што е филмскиот фонд на Северна Македонија и на Филмскиот центар на Црна Гора? -Ние сме мал филмски центар, мала кинематографија, млада кинематографија. Ова е петта година како сме основани. Постои континуирано кофинансирање по различни основи, односно по различни конкурси за категории на филмови. Имаме краткометражни и долгометражни документарни и играни филмови. Отворивме кофинансирање за производство на анимирани филмови и секако, одвојување дел од нашите парични средства и за малцински копродукции. Она што нас не чини мал филмски центар е и буџетот кој го имаме од милион евра, кој е наменет за кофинансирање на различни програмски линии. Предизвиците со самото тоа што сме мали и млади е дека е потребно пронаоѓање на дополнителни начини за промоција на нашата кинематографија, и она што го правиме сите во регионот, но и во светот, а тоа е промоцијата на филмски дестинации со стимулации кои кај нас изнесуваат 25 проценти. Вложуваме напори и за вмрежување што повеќе, како и со конкурси за малцински копродукции. На тој начин отвораме простор за проекти од регионот да аплицираат кај нас, а исто така и ние по тој ист модел можеме заедно со продукциите од другите земји од регионот создаваме и работиме на проекти кои што потоа сите заедно ги претставуваме во светот и ја презентираме нашата кинематографија. Какво влијание имаше Ковид-пандемијата врз филмската продукција во Црна Гора? -Имавме континуирано кофинансирање, односно континуирана поддршка. Значи што се однесува до средствата и до поддршката на филмскиот сектор не се почувствува, но имаше влијание врз самото производство на филмови затоа што луѓето не беа во можност да работат и доста филмови беа одложени. Но, еве сега во тек е снимањето на филмот на Иван Мариновиќ „Живи и здрави“, кое треба да се заврши на крај на јуни. Во текот на минатата година, завршени се два филма на Иван Бакрач и Душан Кастелица, кои се прикажани на сите релевантни филмски фестивали низ Европа и во регионот. Така што генерално и нашиот труд и на креативците и на филмските продуценти и на комплетната техничка екипа беше во насока да го надминеме она што ни се случи во последните две години. Ние во Филмкиот центар , покрај останатите конкурси за време на пандемијата имавме и конкурс за поддршка на Ковид-филмови, кога поддржавме шест кратки играни филмови. Како инструмент за привлекување на странски продукции Филмскиот центар промовираше и проект - веб страница filminmontenegro.ме. Какви се резултатите од овој проект, дали сте задоволни од огласот? -Промоцијата на Црна Гора како филмска дестинација ја почнавме во 2019 година кога е направен сајтот filminmontenegro.ме. на кој ги промовираме нашите филмски дестинации, од една страна и друга страна мерките за поттикнување кои изнесуваат 25 отсто од квалификуваните трошоци кои странската продукција ќе ги пријави, со обврска минимум преку 100.000 евра да потроши во Црна Гора за да може да се пријави за враќање на средства. Во изминатите три години реализирани се околу еден милион евра приходи од проекти кај нас, при тоа исплатени се околу 220.000 евра како поврат на средства. Главно, тоа се ТВ-серии од регионот, кои меѓу другото се снимани и во Црна Гора. Ние се надеваме, веруваме и работиме на таа промоција на наши локации и сметам дека тоа е еден од најпотентните начини за привлекување на странски инвестиции и странски капитал во нашата земја кога станува збор за филмската индустрија, бидејќи можеме да видиме како тоа го работат земјите во регионот, како работат и Хрватска и Србија, и што значи тоа за нивната филмска индустрија. Со оглед на тоа како сите ние сме поврзани, се одразува и на нас, така нашите луѓе заминуваат од Црна Гора, да работат. Според тоа што се случува во регионот наша цел е и ние да станеме една од земјите во регионот која преку тие стимулативни мерки би привлекувала поголем број продукции кои би снимале во Црна Гора. Кои се законските можности и модели за финансирање на проекти? - Ние се занимавање со кофинансирање на проекти што се однесува на долгометражни играни проекти. Досега во праксата не само кај нас туку, генерално и во целиот регион и моделите кои постојат како начини на финансирање е моделот на копродукции. Имено, фимските работници и автори и продуценти се вртат кон копродукции за да имаат што повеќе извори на финансирање пред се поради обемот на проектите од една страна и од друга страна желбата на авторите проектите да бидат што поквалитетни. Значи сите тежнеат кон копродукции. Каква е соработката со Северна Македонија. Имате ли некоја статистика на проекти реализирани како копродукции кои се поддржани од националните филмски агенции на двете земји? -Можам да кажам дека од 2017 до 2021 година на нашите конкурси се поддржани два македонски филма. Тоа се проектите „Хепинес“ (2017) и „Сестри“ (2021), а што се однесува до нашите малцински копродукции од македонската Агенција за филм е поддржан филмот „Живи и здрави“ на режисерот Иван Мариновиќ кој токму сега се снима и филмот на Гојко Бркуљан „Планета 7693“ (2021). Инаку не само оваа наша соработка на националните филмски фондови на Црна Гора и на Северна Македонија, туку и на сите останати фондови од регионот дава сигурност на сите наши автори да можат, кога размислуваат за своите проекти, да размислуваат не само за својата земја, туку повеќе регионално. Бевте учесник на првиот Интернационален филмски форум во рамки на четвртото издание на манифестацијата „Златна рамка“ организирана од Друштвото на филмските работници на Македонија,  што се одржа завчера во Скопје, а посветен на моделите на финансирање и легислативата, односно на регионалната соработка и можностите за нејзино унапредување. Според вас, кој е начинот да се продлабочи соработката во регионот во сферата на филмската продукција? -Јас сметам дека генерално она што е најголем проблем е што ние сите имаме различни буџети во фондовите и со самото тоа можеме „да трчаме различни трки“. Ова е прво нешто што е неопходно и  треба да се тежнее ова да се усогласи, Од друга страна тоа се правилата на ниво на легислатива кои треба да бидат усогласени, па потоа да се спуштаме долу кон самото аплицирање и отварање, односно следење на процесите кои се одвиваат во целиот регион, во крајна линија кон формирање на некој заеднички фонд кој што ќе биде достапен за филмските творци од регионот. Виолета Геров Фото: Фросина Насковиќ

Остани поврзан