• понеделник, 23 декември 2024

Божиновска во посета на РЕК Осломеј: Состојбата е катастрофална, но плановите за трансформација ветуваат нова ера

Божиновска во посета на РЕК Осломеј: Состојбата е катастрофална, но плановите за трансформација ветуваат нова ера

Скопје, 30 ноември 2024 (МИА) - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја посетила термоелектраната Осломеј кај Кичево, еден од клучните енергетски капацитети во земјата.

Како што соопштија од Министерството, посета е во рамки на заложбите на министерката Божиновска редовно да ги посетува енергетските објекти со цел директно да се увери во состојбите на терен и да ја забрза транзицијата која ќе донесе енергетска стабилност и независност.

-Состојбата што ја затекнавме е лоша и тоа нема да го криеме. Но, она што можам да кажам е дека се вложуваат максимални напори, а понекогаш и невозможното, за да ги стабилизираме капацитетите. Со ангажман на нашите стручни лица и новиот менаџмент, веќе гледаме позитивни резултати, изјави министерката Божиновска.

Министерката имала сртедба со претставници на раководниот тим на ЕСМ и директорите на РЕК Осломеј, кои детално ја информирале за моменталните состојби, како и за затекнатите состојби во комбинатот по смената на раководствата.

-Божиновска направи обиколка низ електраната, вклучувајќи ја машинската зграда, турбината, и локацијата на котелот и блок-командата. Машини кои се борат со товарот на времето, јаглен кој е далеку од квалитетот што би го поддржал производството, и техничка опрема која итно бара замена. Ова е само дел од катастрофалната состојба во која е оставен РЕК Осломеј. Но, покрај предизвиците, тука има и нешто друго – посветени луѓе кои одбиваат да се предадат, и планови за трансформација кои ветуваат нова ера, истакна Божиновска.

Директорот на РЕК Осломеј, Сашо Вренцоски, информирал дека, иако соочени со исцрпени резерви на јаглен, затекната катастрофална состојба, неизвршен ремонт на термоелектраната, половина од деловите потребни за вклучување во производство нефункционални, сепак РЕК Осломеј успеал речиси половина месец да помогне во обезбедување енергија за електроенергетскиот систем за постабилна грејна сезона за сите граѓани во Македонија.

-Благодарение на заедничките напори на новиот менаџмент и вработените, успеавме според можностите и краткиот период за подготовки да го оспособиме капацитетот, да го вклучиме во електроенергетскиот систем со цел да го зголеми домашното производство на електрична енергија. Доколку имаме дотур на јаглен, се надеваме дека термоелектраната ќе биде во можност да одговори на предизвиците и да помогне во текот на претстојните зимски месеци, истакнал Вренцоски.

Божиновска, се наведува, изразила желба да разговара дирекно со вработените и од нив да чуе со што се соочуваат.

-Вработен, со 40 годишно работно искуство токму во оваа централа, со ист елан како и на почетокот на својата кариера, ја информираше министерката дека морале да го користат сето свое искуство и знаење за да го извлечат најдоброто од лошиот јаглен кој им бил донесен претходно, и кој сè уште го користат бидејќи мораат да ги дотрошат залихите како би и заштедиле на државата. Вели заедно со колегите успеале барем да ги ублажат последиците врз дотраените машини, и спречиле нивно неповратно оштетување, но апелираше до министерката да се заложи за строги контроли каков јаглен се набавува. Божиновска му се заблагодари за 40 годишната посветена работа и ги увери вработените дека времето на расипништво, договори во 4 очи и негрижа за капацитетите витални за граѓаните на целата земја, е завршено и тоа не само што нема повеќе да се дозволи туку и најостро ќе се санкционира, стои во соопштението.

Министерката ја посети и лабораторијата каде била информирана дека во таа установа ги имаат најточните резултати за составот на јагленот кој го испитуваат, и ѝ порачале на министерката да не се сомнева во нивните резултати.

-Ние си го знаеме и комбинатот и јагленот и нашите стари машини, а со новата апаратура која неодамна ја добивме сега сме уште попрецизни, а ако добиеме помодерна пак, ќе нема попрецизни од нас, се пофалиле вработените во лабораторијата.

Министерката изразила желба, наместо работен состанок со раководството во канцелариите, да им се придружат на вработените во мензата каде освен што минале повеќе време со вработените, се дискутирало за предизвиците за тековната грејна сезона и долгорочните планови за трансформација на капацитетите. Министерката Божиновска ја истакнала важноста на амбициозните инвестиции во чиста енергија.

Директорот за развој и инвестиции Владимир Пејоски ги претставил плановите за 2025 година, истакнувајќи дека трансформацијата е во тек.

-Градиме нови капацитети за обновлива енергија. Пред неколку дена објавивме оглас за изведувач на изградба на две фотоволтаични централи ФЕЦ Осломеј 2 и ФЕ Битола 1 со вкупна инсталирана моќност од 30 MW. Работиме и на физибилити студии за проекти кои ќе донесат уште поголема енергетска независност, рекол Пејоски.

Министерката Божиновска од своја страна најавила дека ќе продолжи со обиколка на енергетските објекти во земјава.

-Наша обврска е да се соочиме со реалноста, но и да покажеме дека со работа и визија, можеме да ја смениме таа реалност. Ќе продолжам редовно да ги посетувам енергетските објекти низ Македонија за да добијам директен увид во состојбите и да осигурам дека секој вложен напор носи конкретни резултати. Само со домаќинско работење, професионалност и посветеност ќе ја обезбедиме енергетската стабилност и независност што нашите граѓани ја заслужуваат, истакнала Божиновска на крајот на посетата, наведуваат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. вг/

Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан