• среда, 27 ноември 2024

Богдановиќ го потпиша договорот за реконструкција на кровот на ООУ „Ј.Х. Песталоци“

Богдановиќ го потпиша договорот за реконструкција на кровот на ООУ „Ј.Х. Песталоци“
Скопје, 7 септември 2021 (МИА) - Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ денеска го потпиша договорот за санација на покривот на општинското основно училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“. Од прес-службата на Општина Центар информираат дека со овој градежен зафат ќе се решат проблемите со покривот на училиштето, кој не е реконструиран повеќе од 10 години. - Реконструкцијата ќе опфати вкупна површина од 2389 метри квадратни, ќе биде енергетски ефикасен, засилен со минерална волна и ќе се изведува во согласност со сите современи стандарди за квалитет на градба. Работите, кои ќе започнат наредната недела, ќе ги изведува компанијата Изградба-Комерц ДООЕЛ Скопје, а цената изнесува 11.269.341 денари, средства одвоени од Буџетот на Општина Центар, соопштија од општината. Од локалната самоуправа посочуваат дека на почетокот на учебната година, во тек е акцијата за реконструкција на детските игралишта на територија на општината, а финишираат и започнатите градежни активности во сите основни училишта. - Покрај реконструкцијата на покривот на ООУ „Ј.Х. Песталоци“, Општина Центар ги заврши проектите за новото спортско и детско игралиште во ООУ „11 Октомври“ и партерното уредување на дворот на ООУ „Кочо Рацин“, а наскоро ќе започне и реконструкцијата на спортската сала во ООУ „Димитар Миладинов“, доградбата на училниците во ООУ „Коле Неделковски“ и реконструкцијата на тоалетите во ООУ „Кирил и Методиј“, кои ќе бидат готови во најбрз можен рок, потенцираат од Општина Центар. фф/дма/

Остани поврзан