• среда, 27 ноември 2024

Блинкен ја продолжи својата турнеја на Блискиот Исток со цел да го спречи ширењето на конфликтот во Газа

Блинкен ја продолжи својата турнеја на Блискиот Исток со цел да го спречи ширењето на конфликтот во Газа

Абу Даби, 8 јануари 2024 (МИА) - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска ја продолжи турнејата на Блискиот исток и средбите со арапските лидери, како дел од дипломатските напори да се запре натамошното ширење на војната во Газа.

Во Обединетите Арапски Емирати, Блинкен се сретна со владетелот на Абу Даби, шеикот Мохамед Бин Зајед Ал Нахјан, а подоцна денеска, пред да замине за Израел, треба да разговара и со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, во градот оаза Ал Ула.

Блинкен вчера ги посети Јордан и Катар и се обиде да ги убеди лидерите на тие арапски земји дека САД се противат на раселувањето на Палестинците надвор од Појасот Газа.

Тој предложи наместо тоа, официјален Вашингтон сака муслиманските соседи на Израел да играат активна улога во организирањето на идната влада во Појасот Газа.

Американскиот државен секретар бара од арапските држави да се обидат да ги намалат тензиите со Либан, Сирија, Ирак и јеменските Хути, кои се интензивираа по избувнувањето на конфликтот меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас.

Блинкен изјави вчера во Катар дека нападите на Хутите нарушиле или пренасочиле речиси 20 отсто од глобалниот поморски транспорт, што дополнително ја зголемило цената на стоките, вклучително и храната и горивото. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан