• недела, 28 јули 2024

Блинкен: Северен поток 2 може да биде руско оружје против Украина

Блинкен: Северен поток 2 може да биде руско оружје против Украина
Берлин, 23 јуни 2021 (МИА) - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска предупреди дека Русија со планираниот германско-руски гасовод Северен поток 2 може да ја користи енергијата како „оружје“ против Украина. - Нашата цел останува да се осигуриме дека Русија не може да ја користи енергијата како принудна алатка, како оружје против Украина или кој било друг во Европа. Продолжуваме да веруваме дека гасоводот на крајот е руски геополитички проект што ја загрозува европската енергетска безбедност и потенцијално ја нарушува безбедноста на Украина и другите земји во регионот, истакна Блинкен по денешната средба со шефот на германскатѕа дипломатиоја Хајко Маас во Берлин. Тој се осврна на несогласувањата помеѓу Вашингтон и Берлин за гасоводот Северен поток 2. - Германија има поинаква перспектива. И тоа се случува од време на време меѓу пријателите, истакна Блинкен. Додека Мас посочи оти целта е да се постигнат резултати „што исто така можат да бидат поддржани од Вашингтон“. - Постојат голем број на можности и пристапи за кои ќе се разговара. Планираната посета на германската канцеларка Ангела Меркел на САД во јули би било погодно време за да се постигнат резултати, потенцира Мас. Блинкен на првата посета на Германија, при што е предвидено да се сретне и со канцеларката Меркел, а ќе присуствува и на Конференција за либискиот конфликт во Берлин, на која исто така Русија, Египет, Турција и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) ќе имаат свои претставници. Блинкен и Мас ќе потпишат договор за споменик на убиените Евреи во Европа и за поблиска соработка меѓу двете земји за сеќавање на холокаустот. САД повеќе години се спротиставуваат на Северен поток 2, преку кој ќе се доставува руски гас до Германија, а гасоводот ја заобиколува Украина. Администрацијата на Џо Бајден во мај се откажа од санкциите против оперативната компанија, по што Вашингтон и Берлин се обидуваат да изнајдат решение со кое на Украина ќе и  обезбедат долгорочни приходи. Преку Украина транзитира рускиот гас, но договорот помеѓу Киев и Москва истекува во 2024 година. ми/

Остани поврзан