• понеделник, 23 декември 2024

Блинкен: САД се фокусирани и на планот за „денот утре“ во Појасот Газа

Блинкен: САД се фокусирани и на планот за „денот утре“ во Појасот Газа

Дубаи, 1 декември 2023 (МИА)  - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен најави дека САД, покрај разговорите за актуелната војна меѓу Израел и Хамас, се фокусирани и на планирање за „денот утре“ во Појасот Газа и дека за тоа разговарал со арапските колеги денеска во Дубаи.

Висок претставник на Стејт департментот рече дека Блинкен се сретнал со министрите за надворешни работи на Катар, Обединетите Арапски Емирати, Египет, Јордан и Бахреин, заедно со претставници на палестинската управа, на маргините на климатската конференција на ОН, КОП28, во Дубаи.

Блинкен рече дека денеска со арапските државни претставници разговарал и за иднината на Појасот Газа, каде Израел продолжи со нападите по завршувањето на еднонеделниот прекин на огнот со палестинските милитанти Хамас.

Тој на крајот од своето трето патување во регионот на Блискиот Исток од 7 октомври, кога започна актуелниот конфликт меѓу Хамас и Израел, додаде дека денешните разговори биле фокусирани на актуелната ситуација во Газа, но и на „денот по конфликтот“ и како да се создаде „траен и сигурен мир“.

„Како гледаме што се случува во самата Газа? Како се управува? Кој ја гарантира безбедноста? Како да почнеме да обновуваме? И што е најважно, како да се започне патот на праведен и траен мир. За нас тоа мора да резултира со држава за Палестинците“, нагласи Блинкен.

Тој додаде дека голем дел од ова „бара напорна работа, тешки одлуки, обврски што различни земји ќе треба да ги преземат“.

Осврнувајќи се на неговите дипломатски напори од почетокот на војната, Блинкен рече дека една од главните цели на неговото прво патување во регионот минатиот месец беше да го убеди Израел да дозволи хуманитарна помош во Газа, на што Тел Авив подоцна се согласи.

Целта на второто патување, рече тој, беше да се промовира хуманитарна пауза во конфликтот, што ќе овозможи повеќе заложници да заминат и да влезе помош во палестинската енклава, што беше постигнато набргу по неговото заминување.

Според него, целите на третото патување, на кое тој моментално се наоѓа, се да обезбеди ослободување на дополнителни заложници, да го олесни забрзувањето на поголем проток на хуманитарна помош и да обезбеди Израел да преземе акција за заштита на цивилите за време на продолжувањето на неговата воена операција.

За време на вчерашниот престој во Тел Авив, Блинкен рече дека американската администрација во моментов е фокусирана на соработка со партнерите за продолжување на паузата во борбите меѓу Израел и Хамас и го повика Израел да создаде таканаречени „безбедни зони“ за Палестинците пред продолжувањето на  конфликтот. паг/

Фото: ЕПА

Остани поврзан