• сабота, 23 ноември 2024

Блинкен допатува во Рамала на средба со палестинскиот претседател Абас

Блинкен допатува во Рамала на средба со палестинскиот претседател Абас

Рамала, 10 јануари 2024 (МИА) - Американскиот државен секретар Антони Блинкен денеска пристигна во Рамала на Западниот Брег, каде се сретна со палестинскиот претседател Махмуд Абас.

Блинкен ги преминал израелските контролни пунктови за да стигне до де факто палестинската престолнина Рамала, според новинарите кои патуваат со американскиот дипломат.

Синоќа беше најавено дека Блинкен ќе разговара со Абас за одговорноста на Палестинската управа да се реформира и да го подобри своето владеење, како одраз на ставот на Вашингтон дека Абас (88) треба да ја промени организацијата како подготовка за управување со повоената Газа.

Палестинската управа, која спроведува ограничена самоуправа во некои области на окупираниот Западен Брег, останува најдобрата надеж за обединета палестинска влада и на Газа и на Западниот Брег.

Преговорите со посредство на САД за палестинска држава на територијата која сега е окупирана од Израел пропаднаа пред речиси една деценија. Десничарските лидери во сегашната владејачка коалиција во Израел се противат на палестинска државност.

Посетата на Блнкен дојде еден ден по вчерашните разговорите со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот воен кабинет за војната на Израел со Хамас, регионалните тензии и иднината на израелско-палестинскиот конфликт.

На синоќешната прес-конференција, Блинкен одби да опише како Нетанјаху и неговиот кабинет одговориле на неговиот апел за палестинска држава. Тој рече дека Израел ќе мора да донесе „тешки одлуки, тешки избори“ за да ја искористи можноста што ја нуди регионалната интеграција.

Блинкен, кој е на регионална турнеја за да спречи ескалација на конфликтот во Газа кон поширокиот регион, се очекува по средбата со Абас да замине во јорданскиот град Акаба за да учествува на самитот со јорданскиот крал Абдула Втори и египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси.

Планирани се дискусии за ситуацијата во Газа, каде како резултат на израелските напади загинаа повеќе од 23.000 Палестинци. ссм/

фото: 

Остани поврзан