• вторник, 24 декември 2024

Блашчак: Полска ќе ја создаде најсилната копнена армија во Европа

Блашчак: Полска ќе ја создаде најсилната копнена армија во Европа
Варшава, 12 април 2023 (МИА) - Полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак денеска оцени дека на неговата земја и се потребни само уште две години забрзана набавка на оружје и модернизација на армијата за да има најсилна копнена армија во Европа.

„Ќе ја создадеме најсилната копнена армија во Европа. На добар пат сме да го направиме тоа. Ни требаат уште две години“, изјави Блашчак за државното полско радио.

Министерот за одбрана потсети дека оваа година Варшава ќе ги замени советските авиони МИГ 29 со корејски борбени авиони ФА-50, а во соработка со САД во моментов во Полска се распоредени американски авиони Ф-22 „Раптор“. Полска купува и американски авиони Ф-35.

„Пилотите на Ф-22 тренираат со нашите пилоти на Ф-16. Нашите пилоти се подготвуваат да летаат со авиони Ф-35 следната година. Наскоро полската армија ќе добие и американски тенкови Абрамс во 18-та механизирана дивизија, која е одговорна за безбедноста на источните делови на нашата држава“, рече министерот за одбрана.

Блашчак ја истакна важноста на американското воено присуство во Полска, каде во моментов се стационирани околу 10.000 американски војници на ротациска основа, а воената опрема и оружје се префрлаат во логистичките центри за да бидат поблиску во случај на потреба.

„Имаме американски гарнизон во Познан, командата на петтиот армиски корпус на американската армија е таму“, рече Блашчак.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки, кој од вторникот е во тридневна посета на САД, по разговорите со потпретседателката на САД, Камала Харис, најави нови американски инвестиции во воената индустрија во Полска.

„Блиските односи со САД се најдобрата вакцина против рускиот империјализам. Мило ми е што и Белата куќа совршено ги разбира ризиците што ги носи руската инвазија. Знам дека ќе има дополнителни американски инвестиции и во вооружување“, рече Моравјецки по разговорот со потпретседателката Харис, објавија денеска полските медиуми.

Моравјецки нагласи дека елемент на зајакнување на безбедноста на Полска не е само зголеменото американско воено присуство, туку и големите американски инвестиции во полската економија. паг/

Фото: МИА архива



Остани поврзан