• вторник, 17 декември 2024

БИХ: Погребани 19 жртви од поплавите и свлечиштата во Јабланица

БИХ: Погребани 19 жртви од поплавите и свлечиштата во Јабланица

Јабланица, 15 октомври 2024 (МИА) – Во Јабланица денеска се одржа колективен погреб на 19 жртви од овој мал град во северна Херцеговина, кој најмногу настрада во поплавите и свлечиштата, а молитвата ја предводеше поглаварот на Исламската заедница во Босна и Херцеговина, реисот Хусеин Кавазовиќ.

Најголем број луѓе загинаа во селото Доња Јабланица кога врз него падна огромно количество камења од блискиот див каменолом, носени од водени порои.

- Секој говор овде денес е излишен. Се собравме да ги испратиме нашите браќа и сестри во подобар свет, рече во својот говор поглаварот на Исламската заедница, реисот Кавазовиќ.

Тој ги нарече мртвите шехиди (маченици), што е арапско име за жртва која умира откако ќе ги исполни сите обврски како верник во животот. Тој им посака мир на семејствата на загинатите, а верниците ги повика да не ги оставаат и забораваат.

Првите проценки за катастрофалните поплави и одрони во Јабланица се проценуваат на околу 25 милиони евра, изјави градоначалникот на општина Јабланица, Дамир Шабановиќ. Според истите наводи, оштетени се 200 објекти, од кои 49 се целосно уништени. Нанесени се огромни штети на јавните и стопанските објекти, како и на земјоделството.

Во оваа општина, која беше најтешко погодена од катастрофата, како и во Коњиц, се уште се работи на расчистување на патиштата и повторно снабдување со вода и струја.

Голем проблем е и отпадот што го има на хидроцентралата Грабовица. Како последица на поплавите и свлечиштата, таму се наталожени 50.000 кубни метри отпад.

Службите почнаа со отстранување, но ќе треба најмалку еден месец работа за целосно отстранување на отпадот. Електричните компании со седиште во Сараево и Мостар тврдат дека отпадот не претставува опасност за работата на хидроцентралите. јт/

Фото: Х

Остани поврзан