Битолскиот Музеј отвори „Музејска сувенирница“
- Во пресрет на 18 мај, Меѓународниот ден на музеите, Националната установа Завод и Музеј-Битола промовира обновена музејска сувенирница и билетарница.

Битола, 15 мај 2025 (МИА) - Во пресрет на 18 мај, Меѓународниот ден на музеите, Националната установа Завод и Музеј-Битола промовира обновена музејска сувенирница и билетарница.
Отворањето на сувенирницата ќе овозможи туристите од државата и странство да се снабдат со сувенири, разгледници и промотивни материјали за експонати изложени во Музејот, Хераклеа и други објекти што се од надлежност на установата.
Според програмата за одбележување на Меѓународниот ден на музеите, а во рамки на проектот „Ние во музеј“, во Хераклеа Линкестис ќе се одржи интерактивна инклузивна работилница со ученици од основното училиште „Крсте Петков Мисирков“-Бистрица, утре во битолската магаза ќе биде промовирана нова пристапна патека „Рампа“, а в недела на денот на празникот на музеите ќе биде отворена изложба на монети „Приказните за Градиште“, локалитет што се наоѓа во атарот на селото Црнобуки. мт/дма/
Фото: НУ Завод и Музеј-Битола