• среда, 25 декември 2024

Битолска млекара финансиски ќе го поддржува СОС Детско село

Битолска млекара финансиски ќе го поддржува СОС Детско село

Скопје, 10 април 2023 (МИА) - Битолска млекара, покрај донирање на свои прозиводи на СОС Детско село, почнува и финансиски да ги поддржува згрижувачките семејства на месечно ниво.

-„Бимилк“ и СОС Детско село ја продолжуваат соработката преку стратешко партнерство. Оваа соработка и „Бимилк“ како донатор значајно ќе ја помогне континуираната работа на организацијата и поддршка за оние на кои им е најпотребно – децата и младите без родителска грижа, истакнуваат од „Бимилк“.

Оттаму посочуваат дека, како дел од својата политика за Општествена одговорност, тие се долгогодишни поддржувачи на СОС Детско село преку донации од асортиманот на нивните производи.

- Создавањето на ова стратешко партнерство е следниот чекор по долгогодишната соработка што ја имаме со СОС Детско село и претставува вистински придонес за една исклучително благородна мисија – овозможување генерации деца да растат во топол дом. Со станувањето дел од оваа мисија „Бимилк“ ја унапредува и развива својата општествена одговорност што преминува во долгорочна цел за децата од оваа организација со која овозможуваме што повеќе генерации да растат со нашите производи, како што сите растеме заедно со производите на Битолска млекара, истакна Полексена Јанкуловска, регионален маркетинг-менаџер во „Бимилк“.

За СОС Детско село стекнувањето на стратешки партнер и продлабочување на соработката со Битолска млекара е посебно корисно и потребно во период кога се зголемуваат капацитетите на организацијата и потребата од згрижувачки семејства.

-Со зголемување на бројот на згрижувачките семејства поддржани од СОС Детско село во 2023 година, пријателството со „Бимилк“ е чекор што ќе ја осигури нашата работа и мисија. Горди сме и благодарни на оваа транзиција со „Бимилк“, од пријатели кон стратешки партнери каде што заедно ќе ја остваруваме мисијата, велат од СОС Детско село. ир/цр

 

Фото: Бимилк

Остани поврзан