• среда, 27 ноември 2024

Битиќи: Субвенции од над 5.000 евра за фирмите и 2.000 евра за домаќинствата кои ќе инвестираат во обновливи извори и акции во државните енергетски компании

Битиќи: Субвенции од над 5.000 евра за фирмите и 2.000 евра за домаќинствата кои ќе инвестираат во обновливи извори и акции во државните енергетски компании

Скопје, 20 април 2024

 

„Владата на СДСМ ја врати евтината тарифа на струјата, секое домаќинство сега заштедува. Ја намаливме стапката на ДДВ за парно греење, граѓаните заштедуваат и на затоплувањето на домовите.  Цената за приклучок на дистрибутивната мрежа на ЕВН ја намаливме од 500 на 370 евра. Токму поради ова граѓаните заштедуваат на струјата, а тие ни се најважни“, рече во своето обраќање на средбите со граѓани во општина Гази Баба, коносителот на листата на кандидати за пратеници на „Коалицијата за европска иднина“ од Изборна единица 2, Фатмир Битиќи.

Тој порача дека СДСМ нема да застане овде, односно дека се цврсто решени и имаат конкретен план и визија за енергетски систем кој целосно ќе ги задоволува домашните потреби за електрична енергија.

„Ниту едно домаќинство нема да биде изложено на ценовни шокови од струјата поради тоа што сами ќе си ја произведуваме.  Ќе го зголемиме домашното производство на струја за најмалку 70% до 2028 година во однос на производството што сме го имале во 2019. На овој начин ќе трошиме 100% домашна струја.  Притоа и нема да го нарушиме квалитетот на воздухот бидејќи здравјето на граѓаните ни е подеднакво важно. Затоа инвестициите во обновливи извори на енергија ќе бидат основата на енергетската транзиција и најмалку еден милион граѓани ќе користат струја од обновливи извори на енергија. Наредната 2025 година ќе ги зголемиме за 100% капацитетите за производство на струја од обновливи извори на енергија“, рече Битиќи, образложувајќи го делот за енергетика од предизборната програма на СДСМ.

Потпретседателот на СДСМ и коносител во втората изборна единица, најави дека во наредниот мандат на Владата ќе се воведе директна владина поддршка на мали и микро капацитети од обновливи извори за домаќинствата и малото стопанство преку субвенции или намалување на давачките.

„Од сегашните 80.000 ден за домаќинствата, субвенциите ќе ги зголемиме на 120.000 ден., а за правните субјекти кои ќе инсталираат фотоволтаични системи со инсталирана моќност до 40 kW, субвенцијата ќе може да достигне до 350.000 ден. Преку зголемувањето на инвестициите во обновливи извори на енергија ќе се создадат и над 5.000 нови работни места“, рече Битиќи.

Во своето обраќање пред жителите на Гази Баба, Битиќи најави дека СДСМ во наредниот мандат ќе направи трансформација на државните енергетски компании, со што  секое семејство ќе добие акции во вредност од 500 евра во нив.

„Државните енергетски компании ќе ги вратиме кај вистинските сопственици, таму и каде што треба да припаѓаат, кај граѓаните. Во следниот мандат од Владата на СДСМ, секој граѓанин ќе добие акции во овие компании. Едно четиричлено семејство би имало акции во вредност од најмалку 500 евра во државните енергетски компании“, рече Битиќи.

Тој посочи дека на овој начин, преку оваа социјалдемократска мерка, ќе се воведе нов модел на сопственост и управување, со кој овие стратешки компании подеднакво ќе бидат распределени на сите граѓани во Македонија.

„Ќе се зголеми капиталот на граѓаните, ќе им се овозможи директна контрола во работењето, никој нема да биде изоставен, секој ќе добие акции. Сакаме секој жител на Македонија да остане и да ја гради својата иднина тука, во нашата држава.“, рече Битиќи.

СДСМ ИЕ 2

Фото: СДСМ ИЕ 2

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан