• понеделник, 23 декември 2024

Битиќи се сретна со синдикатот на „Еуроникел индустри“ : Социјалниот дијалог е важен и правата на работниците треба да се заштитени

Битиќи се сретна со синдикатот на „Еуроникел индустри“ : Социјалниот дијалог е важен и правата на работниците треба да се заштитени

Скопје, 13 ноември 2023 (МИА) - Вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи остварил средба со претседателот на синдикалната организација на „Еуроникел индустри“, Миле Ѓорѓиев, и со претседателот на гранскиот синдикат на СИЕР,  Игор Ѓерасов, откако тие побарале средба со него за да се разговара за новонастанатата ситуација со „Еуроникел индустри“.

Како што информираа попладнево од владината прес-служба, на состанокот претставниците на синдикатите детално ја изнеле состојбата во која се наоѓа компанијата“.

Вицепремиерот Битиќи потенцирал дека социјалниот дијалог е важен и дека тој во целиот свој мандат постојано повикува на истиот, затоа и се сретнал и ги сослушал синдикатите, иако „Еуроникел индустри“ е фирма во приватна сопственост, како и дека верува во праведно и правично разрешување.

Битиќи дал поддршка во насока на почитување на обврските и правата и на двете страни кои произлегуваат од синдикалниот договор, како при секојдневното работење на компанијата, така и при можната реорганизација, што ќе гарантира дека вработените во „Еуроникел индустри“ ќе добијат заштита.

-„Еуроникел“ е важна за државата, но и локалниот развој, за животот во Кавадарци и регионот, како и за вработените кои сакаат нивниот глас да биде чуен затоа што сакаат и имаат право да бидат заштитени, повикувајќи на солидарност и разумност при носењето на одлуките при реорганизацијата на компанијата, истакнал вицепремиерот Битиќи. дма/бак/

Фото: Влада на РСМ

Остани поврзан