• недела, 22 декември 2024

Битиќи: Отворени сме да дадеме позитивно мислење за ДДВ-то за пелети

Битиќи: Отворени сме да дадеме позитивно мислење за ДДВ-то за пелети

Скопје, 20 јули 2023 (МИА) - Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска во изјава за медиумите рече дека како Влада се отворени да дадат позитивно мислење ДДВ-то за пелети да остане пет проценти.

- Пелетите се едни од огревните продукти кои ги користи населението. Како Влада сме отворени да дадеме позитивно мислење за петте проценти без разлика од каде доаѓа иницијативата, рече Битиќи по посетата на компанијата „Макпрогрес“.

Здружението на потрошувачи „Солидарност“ побара ДДВ-то за пелети да остане пет отсто, а во спротивно најави протести пред Министерството за финансии.

Во однос на отворањето на рудникот Иловица, Битиќи го повтори ставот дека рудник нема да биде отворен доколку населението не се согласува со тоа. 

- Граѓаните не треба да бидат загрижени. Ако се изјаснат дека не треба да има рудник, откако ќе бидат соодветно информирани, така ќе биде. Нема одлука која е спротивна на граѓаните. Сметам дека секој друг чекор е правен, институционален, мора да се направи затоа што ќе ги доведеме во ситуација граѓаните да плаќаат нешто што не би требало да го плаќаат, а отворањето ќе зависи од изјаснувањето на граѓаните, рече Битиќи.

Од септември од Владата најавуваат и измена на одлуката за квотите за странски работници и поедноставување на процедурата за нивно ангажирање во земјава. 

- Во разговори сме со коморите, мислам дека не би било штета да биде зголемена и двојно, но сеуште сме во преговори, рече Битиќи. та/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан