• недела, 28 јули 2024

Битиќи и Бектеши на средби во ЕБОР: Поддршка за проектите за забрзана енергетска трансформација

Битиќи и Бектеши на средби во ЕБОР: Поддршка за проектите за забрзана енергетска трансформација

Скопје, 3 октомври 2023 (МИА) - Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и министерот за економија Крешник Бектеши денеска во Лондон оствариле средба со генералната директорка за одржлива инфраструктура во Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Нандита Паршад.

Како што соопшти владината прес-служба, на состанокот на кој присуствувал и генералниот директор на НОМА Гас, Бајрам Реџепи, главен фокус биле активностите и проектите што се реализираат со поддршка на ЕБОР, како и идните планови што преку разни инвестициски проекти може да се поддржат во насока на реализирање на „зелената агенда“.

На средбата била поздравена успешната соработка што земјава ја има со ЕБОР, како банка која е еден од најголемите поддржувачи на инфраструктурни проекти во Северна Македонија.

-Во таа насока изразена е определба од двете страни дека реализацијата на проектите продолжува непречено да се одвива, независно од кризите предизвикани од војната во Украина, посебно што станува збор за реализација на важни проекти за граѓаните и државава, во областа на енергетиката, транспортот, животната средина, се наведува во соопштението.

Вицепремиерот Битиќи и министерот Бектеши се заблагодариле за досегашната соработка со ЕБОР, а со претставниците на оваа меѓународна финансиска институција разговарале за можностите за унапредување и за потребната техничка поддршка и експертизи.

Вицепремиерот Битиќи истакнал дека Владата активно работи на реализација на инфраструктурните проекти во насока на забрзан раст на домашната економија и подобрување на финансиската состојба на граѓаните.

Министерот Бектеши посочил дека од клучно значење е зголемувањето на енергетската независност на земјата, како и забрзаната енергетска транзиција за што се заблагодарил на поддршката што ја има земјата во оваа насока, пред сѐ во изградбата на гасниот интерконектор со Грција.

Вицепремиерот Битиќи и министерот Бектеши ја информирале директорката Паршад за идните планови за развој на енергетска инфраструктура во земјата посебно за проектите кои се од важно значење за регионално енергетско поврзување. дма/бак/

Фото: Влада на Република Северна Македонија

Остани поврзан