• вторник, 24 декември 2024

Битиќи: Да инвестираме во решенија кои се засновани на потребите на природата

Битиќи: Да инвестираме во решенија кои се засновани на потребите на природата
Скопје, 10 јуни 2021 (МИА) - Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за животна средина Насер Нуредини, заедно со претставничката на УНДП во Северна Македонија, Нарине Сахакјан, се обратија на онлајн иницијалната работилница за изработка на Националниот план за адаптација на климатски промени, кој ќе се изработува со учество на сите засегнати страни во општеството. Вицепремиерот Битиќи во своето воведно обраќање посочи дека климатските промени предизвикуваат влијанија кои имаат големи размери, кон кои е потребна адаптација. Тој, како што рече, дури и најефикасното ублажување на климатските промени преку намалување на емисиите или зголемено отстранување на стакленичките гасови од атмосферата, не би спречило понатамошни влијанија на климатските промени, што ја прави потребата за адаптација неизбежна. - Ние мора итно да ги зголемиме инвестициите во адаптација на климата, особено да подготвиме решенија кои ќе се засновани на потребите на природата, за да изградиме поотпорни општества, економии и екосистеми. Климатските промени имаат потенцијал да ги дестабилизираат и економиите и општествата, соединувајќи други еколошки предизвици и поткопувајќи ги напорите за одржлив развој. Ова прилагодување вклучува многу области како што се инфраструктурата, земјоделството, здравството, економијата, образованието и друго. Затоа, разбирањето на врската помеѓу климатските промени и другите сектори е важен дел од нашата работа, подвлече вицепремиерот. Осврнувајќи се на законите на природата, вицепремиерот нагласи дека адаптацијата на климатските промени е клучен предуслов за опстанок и преживување на видовите, а тој принцип се пресликува и во бизнисот, но и во кој било сегмент од живеењето: најиздржливите и прилагодливи тимови успеваат повеќе од оние кои се крути и не сакаат да се менуваат. - Сите ги осетивме промените кои се наметнаа со ковид-кризата и полека почнавме да се адаптираме. Сметам дека ова е одличен момент да ги поставиме темелите за адаптација преку воспоставување на соодветен систем, имајќи предвид дека Северна Македонија се усогласува со Зелената агенда на Европската унија, а неодамна се усвои и Европската стратегија за адаптација и во фаза сме на усвојување на Законот и Долгорочната стратегија за климатска акција, кажа Битиќи. Вицепремиерот нагласи дека подготовката на Националниот план за адаптација, претставува основа за понатамошните активности кои државата ќе треба да ги преземе со цел да ги намали ризиците од поплави, пожари, екстремни појави, но во исто време да ги подготви граѓаните, инфраструктурата, различните сектори за овие евентуални елементарни непогоди. - Би сакал да потенцирам дека во фаза на развој сме на Националната развојна стратегија но и на Националниот просторен план. За прв пат во Националниот просторен план, се вклучува компонентата на адаптација, преку методологија која е подготвена со помош на УНДП. Националната развојна стратегија 2021 – 2041 во себе ќе ги инкорпорира веќе постоечките важни стратешки и плански документи, со цел да се развијат соодветни активности кои ќе помогнат во долгорочно стратешко планирање и одржлив развој, пред сè економски секако, развој на државата, посочи вицепремиерот. Подготовката на Националниот план за адаптација е една од обврските кои произлегуваат од Рамковната конвенција за климатски промени, а финансирањето на подготовката на овој документ е овозможено преку Програмата за подготвителност на Зелениот климатски фонд. - Останува на Владата, меѓународните партнери, но и приватниот сектор да направат напори активностите кои ќе ги дефинираме да бидат соодветно имплементирани, бидејќи трошоците за инвестиции и подготовка кон климатските промени се далеку помали од оние за санација од екстремни појави, заклучи во своето обраќање вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, потенцираше дека аспектот на адаптација е подеднакво важен како и аспектот за ублажување на климатските промени. - Подготовката и усвојувањето на Националниот план за адаптација како еден од најважните документи при планирањето се предвидени и во Нацрт-законот и Долгорочната стратегија за климатска акција, подвлече министерот Нуредини во воведното обраќање, дополнувајќи дека МЖСПП иницираше и процес на воведување на систем за следење/известување и верификација како алатка која ќе го следи напредокот во однос на националните климатски цели и спроведувањето на политиките и мерките за ублажување и прилагодување, а исто така ќе ги евидентира и презентира климатските инвестиции во земјата. Постојаната претставничка на УНДП во Северна Македонија, Нарине Сахакјан рече дека кога станува збор за адаптација кон климатските промени, не постои „едно решение за сите“. - Затоа сме денес тука, да осигураме дека со партиципативен и целосно транспарентен пристап предлогот за подготовка на Националниот план за адаптација кон климатските промени е заснован на приоритетите на државата, е во согласност со останатите секторски политики, е родово одговорен и ги зема предвид интересите на ранливите групи, подвлече Сахакјан. ир/сп/

Остани поврзан