• среда, 27 ноември 2024

Битиќи - Ал Тани: Постои потенцијал за зголемување на економската соработка помеѓу двете земји

Битиќи - Ал Тани: Постои потенцијал за зголемување на економската соработка помеѓу двете земји

Скопје, 30 јули 2021 (МИА) - Потенцијалите за економската соработка помеѓу Северна Македонија и Катар биле во фокусот на денешната средба на вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи со амбасадорот на државата Катар, Јасим бин Хамид Ал-Тани.

На состанокот, како што соопшти Кабинетот на вицепремиерот Битиќи, од двете страни е потврдено дека државите имаат пријателски односи и високо ниво на политичка соработка и дека во периодот кој следи, за развој на билатералните односи, фокусот треба да се постави врз развој и засилување на инвестиции, пораст на трговска размена и вкупна економска соработка со Катар, што е во заеднички интерес на земјите.

Вицепремиерот Битиќи на средбата ги презентираше поволностите за инвестирање во Северна Македонија, при што го презентираше и Интервентниот план за инвестиции до 2027 година, преку кој се планира реализација на проекти во повеќе сектори во вкупна вредност од 8 милијарди и 175 милиони евра. Тој посочи дека во овој план се внесени проекти од енергетиката, патната и железничката инфраструктура, преработувачката индустрија, малопродажбата, јавното здравство, комуналната инфраструктура и заштита на животната средина, како и во секторот туризам.

Вицепремиерот Битиќи и амбасадорот Ал-Тани, како што е наведено во соопштението, се согласија дека постои потенцијал за унапредување на економската соработка и дека во периодот кој следи ќе продолжат со интензивна меѓусебна комуникација за унапредување на економските односи помеѓу двете пријателски земји, а со крајна цел обезбедување побрз и одржлив економски раст и подобри услови за живот на граѓаните. дма/лв/

Остани поврзан