• вторник, 24 декември 2024

Биографии на членовите на новата Влада

Биографии на членовите на новата Влада
Скопје, 16 јануари 2022 (МИА) - Собранието со 62 гласа „за“, 46 „против“ и без воздржани, вечерва пред полноќ ја избра новата Влада на премиерот Димитар Ковачевски. Владата на Ковачевски брои 21 член - од СДСМ 11, ДУИ шест, Алтернатива тројца и еден министер од ЛДП. Новиот владин кабинет има еден член повеќе од досегашниот и тоа министер без ресор, место што по формирањето на новото парламентрано мнозинство и припадна на Алтернатива. Во продолжение следуваат куси биографии на премиерот Ковачевски и членовите на неговиот владин Кабинет. Премиерот Димитар Ковачевски, роден 1974 година во Куманово, е доктор на економски науки, вонреден професор на Факултетот за деловна економија и менаџмент на Универзитетот Американ Колеџ Скопје. Тој е предавач на додипломските, последипломските и докторските студии и автор на голем број научни трудови од областа на економија и менаџмент објавени во меѓународни научни списанија и конференции. Средното образование го започнува во гимназијата „Гоце Делчев“„ во Куманово, а го завршува во Вотервил Елизиан Мористаун Гимназијата во Минесота, САД. Во 1998 година дипломира на Универзитет Св. Кирил и Методиј, Скопје, Економски Факултет, а на истиот факултет магистрира во 2003 година. Докторските студии по економија ги завршува на Економскиот факултет на Универзитетот Црна Гора во 2008 година каде се стекнува со титулата доктор на економски науки. Стручно усовршување поминува на Школата за Бизнис при Харвард Универзитетот во 2011 година, Европскиот претприeмнички колоквиум на Техничкиот Универзитет во Минхен каде стана ЕФЕР ЕЕЦ алумни во 2015 година, Ротердам Школата за Менаџмент при Еразмус Универзитетот во Холандија во 2016 година и ЕАДА Бизнис Школата во Барселона, Шпанија во 2017 година. Зборува течно англиски јазик, се служи со германски јазик и користи низа интегрирани информациони системи. Работната кариера ја започнува во Македонски телеком АД Скопје како соработник за финансии и координатор за регулирање и хармонизација на контрола на финансии (1998-2005), а потоа напредува на низа менаџерски позиции, директор на управување со маркетинг и продажба (2005-2008),  директор на маркетинг комуникации (2008 -2010), директор на комуникации (2010-2016) и директор на резиденцијална продажба (2016-2017). Бил дел од меѓународниот бренд комитет и меѓународниот комитет за комуникации на Дојче Телеком (2008-2016). Потоа станува Извршен директор на оне.Вип Македонија, А1 Македонија, дел од Телеком Австрија Групацијата (2017-2018). Дел е од воспоставувањето високотехнолошка старт ап компанија за производство и развој на елементи за производство на електрична енергија од обновливи извори (2018-2020). Во текот на професионалната кариера работи на низа корпоративни проекти за интеграција на деловни процеси заради зголемување на ефикасноста и профитабилноста на компаниите. Дел е од проектните тимови за имплементирање на SAP интегриран систем за управување со материјалното и финансиско работење и CRM интегриран систем за управување со клиенти. Академската кариера ја започнува како насловен доцент на Њујорк Универзитетот во Скопје (2009-2012), а ја продолжува како доцент на Факултетот за деловна економија и менаџмент на Универзитетот Американ Колеџ Скопје (2012-2018). Во 2018 година е избран за вонреден професор на Факултетот за деловна економија и менаџмент на Универзитетот Американ Колеџ Скопје. Дел е од низа меѓународни и домашни проекти меѓу кои се Проектот Интернационализација преку онлајн микро мастерс и виртуелна мобилност спроведен од Витаутас Магнус Универзитетот Литванија, ДОБА Бизнис Школо Словенија, Истанбул Универзитет Турција и ИКС Скопје  (2020), Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК) и СБ, Подпроект: Капацитет и иновации на туристички услуги за одржлив локален економски раст во Северна Македонија спроведен од Фајнанс Тинк и Институт за економски истражувања и политики Скопје (2019), Проектот за зголемување на конкурентноста на мали и средни претпријатија во Република Северна Македонија, спроведен од Институт за економски истражувања и политики Скопје (2019) и Проектот е-ПРОФМАН, Програма за професионален развој за иновативен менаџмент, лидерство и стратегиски комуникации спроведен од ДОБА Бизнис Школо Словенија, Истанбул Универзитет Турција и ИКС Скопје (2016-2017). Во 2020 година беше дел од Економскиот Советот на Владата на Република Северна Македонија за справување со економски последици предизвикани од пандемијата од вирусот COVID-19. Првиот вицепремиер Артан Груби и понатаму ќе биде министер за политички систем и односи меѓу заедниците. Артан Груби е роден во Скопје на 7 jуни 1977 година. Основното и средното образование го завршува во Скопје. Дипломира на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде се стекнува со звањето дипломиран новинар. На истиот Факултет ги заврши постдипломските студии од сферата на медиумите и комуникациите на тема „Улогата на новите медиуми во транзициони општества”. Груби докторира на Факултетот за социјални науки - политички науки при Државниот универзитет во Тирана на тема „Улогата на медиумите во граѓанското учество во политичко - општествени промени.“ Професионалната кариера Груби ја започнува во 1999 година во невладиниот сектор и во работа со меѓународните организации во Северна Македонија, Црна Гора, Албанија, Холандија и Косово, како и во Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, НАТО, Хашкиот трибунал и американски агенции за помош со разни оперативни задачи. Од мај 1999 до октомври 2000 година е менаџер на проект во ЦРС, одговорен за целокупното управување со програмата за храна и засолниште за бегалци. Во истиот период е и координатор на проект за програма за засолништа и рехабилитација во Куманово. Во период од октомври 2000 до декември 2004 година работи во Хашкиот трибунал извршувајќи оперативни задачи со Канцеларијата на обвинителот во Косово, Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Хаг, итн. Од јануари 2005 година до март 2008 година ја извршува функцијата политички асистент во Кабинетот за политички советници на НАТО. Во периодот од март 2008 година до март 2011 година е политички советник во амбасадата на Кралството Холандија во Скопје. Во периодот од април 2014 до декември 2016 година е избран за пратеник во Собранието, а членува во комисиите за надворешна политика, за политички систем и односи меѓу заедниците, за деловнички и мандатно-имунитетни прашања и е потпретседател на Делегацијата на Собранието во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација. Од април 2016 година до август 2020 година повторно е избран за пратеник во Собранието. Во текот на овој мандат е претседател на Комисијата за европски прашања и претседател на Пратеничката група за соработка со САД, додека членува и во Комитетот за односи меѓу заедниците, Националниот совет за евроинтеграции, Комисијата за прашања на изборите и именувањата и е потпретседател на Делегацијата на Собранието во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација. Од 30 август 2020 година ја извршува функцијата прв заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците во втората Влада предводена од премиерот Зоран Заев. Од мај 2013 година предава на Факултетот по новинарство на државниот универзитет во Тетово по предметите Теории на комуникации, медиумите и конфликтите, интерперсонална комуникација и односи со јавност. Груби е основач и од мај 2006 година до мај 2011 година и претседател на граѓанското движење „Разбуди се!“, невладина организација која иницира воспоставување граѓанско општество во рамките на албанската заедница во Северна Македонија и има за цел да промовира поголема толеранција, еднаквост и граѓански активизам. Од мај 2011 година во Демократска унија за интеграција извршува повеќе високи функции како шеф на Кабинетот на претседателот на ДУИ и негов политички советник, додека во 2019 година е избран за организациски секретар на партијата. Член  е на Генералниот совет и претседателството на партијата. Груби е оженет и татко на 3 деца. Во новата Влада вицепремиeрка за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси е Славица Грковска, поранешна пратеничка на СДСМ од 2002 до 2011 година. Грковска е родена на 27 јули 1970 година во Скопје. Дипломирала на Природно-математичкиот факултет во Скопје, каде и се стекнала со титулата магистер по математички науки (2010). Работела како професор по математика во Средното училиште „Владо Тасевски“ во Скопје, од 1993 до 1995 година работела во Рефералниот центар при Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, од 1995 до 2002 година била помлад асистент по математика на Природно- математичкиот факултет во Скопје. Славица Грковска од мај 2021 година е главен системски аналитичар во Секторот за информатичка технологија, Оддел за информатика и телекомуникации во Министерството за внатрешни работи, каде што исто така e задолжена и за процесот на дигитализација во Министерството. Исто така била CAO и HR менаџер во неколку ИТ компании. Учествувала на повеќе обуки и конференции. Добро зборува англиски, се служи со руски и бугарски јазик. Вицепремир задолжен за економски прашања, коориднација на економските ресори и инвестиции останува Фатмир Битиќи. Фатмир Битиќи е роден на 26.10.1975 година. Дипломирал  бизнис aдминистрација, насока бизнис менаџмент на Универзитетот во Тирана, Албанија (1994 – 1999г.). Тој е меѓународен експерт од областа на менаџирањето со економски процеси и реформи со преку 20 години работно искуство во над 100 различни програми и проекти со цел развој на сектори, државни институции, стопански комори и компании. Има спроведено преку 500 обуки во земјите од Западен Балкан и досега бил професионално ангажиран како консултант и советник во повеќе влади, министерства и институции од регионот. Од 2008 година активно е вклучен како експерт за пристап и раководење со ЕУ фондови и важи за еден од водечките професионалци за оваа област во регионот. Негова тесна специјалност е стратешко планирање и менаџирање со развојни, економски и бизнис програми и важи за одличен познавач на бизнис приликите со долгогодишно искуство во реалниот сектор како претприемач, консултант и извршен менаџер. Автор е на повеќе стратегии, предлог-закони, прирачници и упатства од областа на финансиите, економијата и развојот на бизнисот.
Во aприл 2018 година е ангажиран како посебен советник на претседателот на Владата за спроведување на истражувања и анализи за политики, стратегии и теми поврзани со економијата, како и подготовка на професионални мислења, коментари и препораки. Член е на Економскиот совет на Владата и дел од Советот за економски реформи и одржлив развој, одговорен за подобрување на политиките во деловното окружување. Од август 2019 ја извршувал функцијата претседател на Комисијата за финансии во СДСМ. Битиќи активно зборува македонски, албански, англиски, германски и српски/хрватски.
Вицепремир за европски прашања е Бојан Маричиќ, досегашен министер за правда. Бојан Маричиќ е роден 7 јануари 1983 година во Скопје. Дипломирал во 2006 година на отсекот меѓународно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 2009 година магистрира по меѓународно и европско право на Универзитетот во Амстердам, Кралството Холандија, со целосна стипендија од МТЕК програмата на Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија. Во 2011 година магистрира на Современи европски студии на Универзитетскиот колеџ во Лондон, Обединетото Кралство, со целосна стипендија доделена од Чивнинг програмата на Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство. Професионалната кариера ја започнува 2006 година како демонстратор по Право на ЕУ на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Од февруари 2007 до август 2008 година е проектен асистент на проект за приближување на европското законодавство во Секторот за правни и кадровски работи на Министерството за внатрешни работи. Од септември 2009 до септември 2010 година работи како проектен координатор и аналитичар во правната програма, програмата за јавна администрација и ЕУ програмите во Фондацијата отворено општество – Македонија. Од септември 2011 до ноември 2013 година е ангажиран како виш истражувач за правни и политички прашања во Евротинк – Центар за европски стратегии, водечка граѓанска организација за истражување, обуки и мониторинг на пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ. Маричиќ е истражувачки асистент на Фулбрајт проект на професорот Кит Браун од Браун Универзитет, САД во периодот од  октомври 2012 до октомври 2013 година. Функцијата извршен директор на Евротинк ја извршува од ноември 2013 до јуни 2017 година. Во периодот од јуни 2017 до јануари 2020 година е посебен советник за евроатлантски интеграции на претседателот на Владата на Република Северна Македонија. Од јули 2017 година е национален шерпас за Берлински процес, а од јули 2018 година е заменик на главниот политички преговарач, главен технички преговарач и шеф на техничкиот преговарачки тим за пристапување на Република Северна Македонија кон Европската Унија. Маричиќ од јануари 2020 година е национален координатор за интеграција во Европската Унија, Берлински процес и регионална соработка. Од 30 август 2020 година ја извршува функцијата министер за правда во Владата на премиерот Зоран Заев. Автор е на преку 20  академски и аналитички публикации во областа на ЕУ интеграциите на Северна Македонија и Западен Балкан во ЕУ. Маричиќ има долгогодишно предавачко искуство на обуки, академски предавања за ЕУ прашања, јавно говорење, аргументација и дебата и формулирање на јавни политики и застапување. Реализирал голем број на консултантски услуги за проектен циклус, пишување проектни апликации; менаџирање на промени, реформи, стратешко планирање, застапување и лобирање и комуникациски стратегии на граѓански организации и јавни институции. Како и долгогодишно искуство за анализи и истражувања за меѓународни организации и домашни политички и граѓански фактори. Министерка за одбрана е Славјанка Петровска, досегашна пратеничка на СДСМ и поранешен заменик министер за внатрешни работи во техничката влада. Петровска е родена на 11 јануари 1982 во Скопје. Основно и средно училиште завршила во Скопје. Таа е дипломиран правник и дипломирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во моментов е магистрант по управно право на овој факултет. Одлично зборува англиски јазик, а се служи и со италијански и руски јазик.

Од 2003 до 2006 година работи во Секретаријатот за европски прашања. Од 2006 до 2008 година работи во Собранието, во Секторот за меѓународна соработка.

Од 2008 до 2015 година работи во Собранието, во Секторот за поддршка на Националниот совет за евроинтеграции.

Од декември 2015 до мај 2016 и од септември до декември 2016 година е дел од кабинетот на Министерот за внатрешни работи.

Од јуни 2017 година е шеф на кабинетот на Министерот за внатрешни работи.

Бујар Османи ја задржи функцијата министер за надворешни работи. Бујар Османи е роден на 11 Септември 1979 во Скопје. Дипломира на Медицинскиот факултет во Скопје во 2004 година. Дел од својата специјализација ја завршува во Лондон, Обединетото Кралство во периодот 2006-2007 година, додека од 2012 година се стекнува со звање специјалист хирург. Од 2014 е докторант на Школата за докторски студии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде докторира во јули 2018 година. Своето работно искуство го започнал во 2004 година како доктор на медицина на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св.Наум Охридски“ во Скопје. Во 2008 година е назначен за министер за здравство и таа функција ја извршува се до 2011 година. Од 2011 година е специјалист хирург во Универзитетска Клиника за Дигестивна хирургија во Скопје. Во 2011 исто така е назначен за Секретар за комуникација со јавност при Претседателството на Демократската унија за интеграција. Во јуни 2017 година е назначен за заменик претседател на Влада задолжен за европски прашања. Во текот на овој мандат Република Северна Македонија оствари сериозен напредок во европските интеграции: во процесот на Стабилизација и асоцијација земјата премина во втора фаза; Република Северна Македонија стана членка на Јадранско-јонската инцијатива, а како клучна придобивка претставува одлуката за почеток на преговорите со Европската Унија. Како предводник на Секретаријатот за европски прашања, Османи воедно ја извршуваше и функцијата Национален координатор за распределба на странска помош и ИПА фондови во земјата. Под водство на Османи значително беше подобрена апсорпцијата на ИПА средствата од Европската Унија, како и значајно беше унапредена соработката во рамките на билатералната помош. Од јули 2018 година е назначен за шеф на државната делегација и главен преговарач со Европската Унија, под чија палка беше започнат, се водеше, и успешно беше завршен процесот на објаснувачки скрининг со Европската Унија. Османи е постојан член на Владиниот кризен штаб за справување со КОВИД-19, а во првата половина од 2020 година, беше назначен за Главен координатор на локалните кризни штабови и Кризниот штаб на Градот Скопје. На 30 август 2020 година, Бујар Османи е избран за министер за надворешни работи. Бујар Османи е оженет, татко на две деца. Зборува албански (мајчин јазик), македонски, англиски и делумно француски јазик.

Министер за внатрешни работи останува Оливер Спасовски.

Оливер Спасовски е роден на 21 октомври 1976 година во Куманово. Основното и средното училиште ги завршува во родниот град. Дипломира на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде во моментот е магистрант по управно право. Професионална кариера ја започнува во 2000 година како адвокатски приправник. Во периодот од 2001 до 2005 година работи како советник на градоначалникот на Општина Куманово. А од 2008 до 2011 година ја извршува функцијата секретар на Општина Куманово. Спасовски во периодот од 2006 до 2008 година, од 2011 до 2014 година и од 2016 до 2017 година е пратеник во Собранието. На последните парламентарни избори во 2020 година повторно ја добива довербата на граѓаните и е избран за пратеник во Собранието. Во мандатот од 2011 до 2014 година е претседател на Парламентарната група на Собранието за соработка со Парламентот на Украина и член на делегацијата на Собранието во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација, Парламентарната група на Собранието за соработка со Парламентот на Кина, парламентарната група на Собранието за соработка со Парламентот на Португалија и Парламентарната група на Собранието за соработка со Парламентот на Словенија. Во периодот од 11 ноември 2015 година до 18 мај 2016 година и во период од 2 септември 2016 година до 28 декември 2016 година ја извршува функцијата министер за внатрешни работи во преодната Владата, која требаше да обезбеди услови за спроведување фер и демократски избори. Функцијата министер за внатрешни работи ја извршува и во периодот од 31 мај 2017 година до 3 јануари 2020 година во првата Влада на премиерот Зоран Заев. На 3 јануари 2020 година е избран за претседател на преодната Влада на Република Северна Македонија, функција која ја извршуваше до 30 август 2020 година. Од 30 август 2020 година ја извршува функцијата министер за внатрешни работи. Спасовски во периодот од 2003 до 2004 година е член на Претседателството на Централниот одбор на СДСМ, а од 2005 до 2006 година е организационен секретар на СДСМ. Од 2013 до 2017 година ја извршува функцијата генерален секретар на СДСМ, а ос 2017 до 2021 година е потпретседател на СДСМ. Зборува англиски и француски јазик. Оженет е, татко на две деца. Фатмир Бесими и понатаму ќе ја извршува функицијата министер за финансии. Фатмир Бесими завршил Економски факултет, насока „Финансии и банкарство“, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 1998 година. Постдипломски студии по економија завршил на Универзитетот „Стафордшир“ во Обединетото Кралство во 2002 година, а и докторирал на истиот со тезата „Монетарна и девизна политика на курсот во Република Македонија за време на процесот на пристапување кон Европската Унија“ во 2007 година. Бесими во текот на образовниот процес завршил и голем број професионални курсеви и обуки, меѓу кои и „Tрансформациско лидерство“ на Универзитетот Оксфорд, „Основи за лидерство на 21 век: Вредности“ на Институтот за глобални работи на Универзитетот Јеил, „Глобално лидерство и јавна политика на 21 век“ на Школата за управување Харвард Кенеди при Универзитетот „Харвард“, „Програма за лидерство за одржлив развој“ на Светска банка, Кембриџ и ПрајсвотерхаусКуперс. Тој извршувал голем број јавни и државни функции. Во два мандата е избран за заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања – првпат од март 2013 година до мај 2014 година и вторпат од јуни 2014 до март 2016 година. Во два мандата е избран за министер за економија и тоа од декември 2004 година до јули 2006 година и од август 2008 година до јули 2011 година. Функцијата директор на Јавното претпријатие за аеродромски услуги ја извршувал од ноември 2002 до август 2003 година. Извршувал и други владини ангажмани. Бил копретседавач со Советот за економски раст и одржлив развој во рамки на Канцеларијата на премиерот и Владата од август 2017 година до мај 2019 година, специјален советник на премиерот од август 2017 година до април 2019 година, копретседавач на Националниот комитет, национален координатор за ИПА, координатор за Инструментот за претпристапна помош и билатерална финансиска поддршка на национално ниво како заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања, како и член на Советот за национална безбедност како министер за одбрана. Бесими има богата кариера и во рамки на банкарскиот сектор. Ја извршувал функцијата вицегувернер на Народната банка од август 2003 година до ноември 2004 година. Бил економист во Канцеларијата на Светска банка во Косово од ноември 2007 година до јули 2008 година и истражувач во Народната банка на Република Македонија од мај 2001 година до октомври 2002 година. Претходно бил стручен соработник во Стопанска банка A.Д. Скопје. Во рамки на академските ангажмани и наставна кариера, Бесими e вонреден професор на Факултетот за бизнис и економија при Универзитетот на Југоисточна Европа и визитинг висок соработник (вонреден професор) на Лондонската школа за економија и политички науки при Европскиот институт. Одржал голем број меѓународни предавања на светски реномирани универзитети како на пример, Универзитетот „Вебстер“ во Женева, Лондонската школа за економија и политички науки, Дипломатската академија во Виена, Центарот за европска политика во Брисел, Институтот за меѓународни и европски прашања во Даблин, Универзитетот „Џон Хопкинс“ во Балтимор, Мериленд, Школата Харвард Кенеди при Универзитетот „Харвард“, Универзитетот во Џорџтаун, Националниот универзитет за одбрана во Вашингтон, Универзитетот во Вермонт и на Воената академија во Загреб. Автор е на две, а коавтор на повеќе книги. Има објавено над стотина научни и стручни трудови и учествувал на голем број научни меѓународни конференции. Бил ангажиран како консултант од меѓународни финансиски институции како што се Светска банка и УНДП за анализи и проекти во земјава, Европа и Централна Азија. Раководел со повеќе проекти и иницијативи поврзани со јавниот сектор, економијата, енергетиката итн. Добитник е на неколку награди и признанија, вклучително и наградатa „Редот на ѕвездата на Италија“ со одлука на Претседателот на Италија за придонесот во развојот на билатералните односи меѓу двете земји за време на претседателството на Италија со Советот на ЕУ. Член е на „Млади лидери за 2010“ и „Европски идни лидери“. Зборува албански, македонски, англиски и хрватски јазик и има основно познавање на германскиот јазик. Министер за правда е Никола Тупанчевски, кој е долгогодишен професор на Правниот факултет на УКИМ во Скопје. Никола Тупанчески е роден на 19.12.1961 година. Тој е доктор на правни науки и професор во областа на казненото право. Во 1988 година бил избран за помлад асистент на Правниот факултет, а во 2012 година бил избран за редовен професор. Во 1995 магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ со магистерскиот труд под наслов: „Противправно заземање земјиште во државна сопственост“. Докторирал на Државниот универзитет „Ломоносов“, Москва, Русија, во 2002 година со докторскиот труд под наслов: „Даночното затајување во споредбеното право и во правото на Република Македонија“. Тупанчески ги предава предметите Казнено право, Меѓународно казнено право, Економско казнено право, Медицинско казнено право, Криминална политика, Компаративно казнено право и Малолетничко казнено право. Во периодот од 2008 до 2013 година бил продекан за меѓународна соработка на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Предавал на втор циклус студии – магистерски студии по интелектуална сопственост (IPRs Enforcement) како соработка на Универзитетот од Стразбур и УКИМ од 2010 до 2011 , а учествувал и во предавањата на постдипломските студии на Филозофскиот факултет во Скопје – Европски студии за интеграција, на Полициската академија и на магистерските студии по форензика на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Тупанчески раководел со постдипломските студии од областа на казнено-правните науки, а бил и постојан претставник во Групата на држави за спречување на корупцијата (ГРЕКО), Совет на Европа. Учествувал во повеќе експертски комисии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, како и во Министерството за правда на Република Македонија во врска со реформскиот процес на македонското казнено законодавство, а бил вклучен и во Советот за судски реформи во рамки на Владата на Република Македонија. Тупанчески е ментор на повеќе магистерски тези и докторски дисертации. Членството во Арбитражниот одбор на Меѓународниот арбитражен суд, во Уредничкиот совет во научното и практично списание „Општество и закон” и претседателствувањето со Македонското претставништво на Здружението на криминалисти и криминолози (Союз криминалистов и криминологов), се дел од неговата биографија. Тој е и правен експерт и предавач во бројни домашни и странски институции и организации. Учесник на бројни меѓународни и домашни истражувачки проекти и автор е на значајни научни трудови и публикации. Министер за локална самоуправа останува Горан Милевски. Горан Милевски е роден на 1 ноември 1978 година во Битола. Основното и средното образование ги завршува во родниот град. Дипломира на Економски факултет – Прилеп во насоката по меѓународна економија, а на истиот факултет магистрира по бизнис администрација МБА – менаџмент. Во моментот е на докторски студии од областа на маркетинг на Економскиот факултет – Прилеп. Професионалниот ангажман го започнува во 2004 година како професор по економски предмети во Средното општинско економско училиште „Јане Сандански“ – Битола. Од 2005 до 2009 година е член на Советот на Општина Битола, при што учествува во Комисијата за урбанизам и заштита на животната средина и  Комисијата за спомен обележја. Во периодот од 2009 до 2013 година втор пат е избран за член на Советот на Општина Битола, а во овој мандат членува во Комисијата за урбанизам и Комисија за заштита на животната средина. Во периодот од 2014 до 2016 година е избран за пратеник во Собранието, а членува во Комисијата за  Буџетски совет на Собранието, Комисијата за финансирање и буџет, Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓаните, Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и Комисијата за образование, наука и спорт. Милевски во овој пратенички мандат е претседател на Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Украина, како и член на Пратеничките групи на Собранието за соработка со Парламентите на Р. Исланд и Кралството Норвешка и Парламентот на Канада. Во 2016 година втор пат е избран за пратеник во Собранието, при што членува во Националниот совет за евроинтеграции, Комисијата за финансирање, Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство и Комисијата за здравство. Претседател е на Комисијата за економски прашања и копретседател на мешовитиот парламентарен комитет за стабилизација и асоцијација МК – ЕУ. Воедно е претседател на Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Данска, како и член на пратеничките групи за соработка на Парламентот на Белгија, Парламентот на Канада, Парламентот на Луксембург и со Парламентот на Холандија. Во јуни 2019 година е избран за министер за локална самоуправа во прват Влада на премиерот Зоран Заев. На 3 јануари 2020 година е избран за министер за локална самоуправа  во преодната Влада на Република Северна Македонија, функција која ја извршуваше до 30 август 2020 година. Од 30 август 2020 година повторно ја извршува функцијата министер за локална самоуправа. Милевски е претседател на Либерално демократската партија. Адмирим Алити од Алтернатива е нов министер за информатичко општетсво и администрација. Во неговата биографија се наведува дека е ИТ консултант, докторант на Универзитетот на Југоисточна Европа, каде и дипломирал. Магистрирал информациски системи на Универзитетот Лине во Шведска. Во моментов е асистент и предава различни предмети на Катедрата за информатика на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. Тој бил генерален директор на Национална радиодифузија - Скопје. Покрај албански јазик, зборува македонски, англиски и германски јазик. Крешник Бектеши е министер за економија. Во 2008 година дипломирал на Колеџот за менаџмент со развој за применети науки и технологијa (менаџмент и бизнис администрација) на Институтот за технологија во Рочестер, а во 2009 година се стекнува со титулата магистер по менаџмент и стратегија (логистика и управување со снабдувачки синџири) на Универзитетот Шефилд. Бектеши у

Остани поврзан