• сабота, 23 ноември 2024

Билстром: Шведска ги исполни сите услови за членство во НАТО

Билстром: Шведска ги исполни сите услови за членство во НАТО

Осло, 1 јуни 2023 (МИА) - Шефот на шведската дипломатија денеска оцени дека неговата земја ги исполнила сите услови за членство во НАТО, апелирајќи до Турција и Унгарија да се откажат од противењето, а генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг најави дека наскоро ќе отпатува во Анкара по овој повод.

„Шведска ги исполни сите обврски што ги презеде на самитот во Мадрид минатата година, вклучувајќи го и новиот закон за тероризам“, рече Тобијас Билстром на почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Осло.

„Дојде време Турција и Унгарија да почнат да го ратификуваат членството на Шведска во НАТО“, додаде министерот.

Генералниот секретар Столтенберг денеска најави дека „во блиска иднина“ ќе отпатува за Анкара за да се обиде да ги отстрани последните пречки за членството на Шведска.

„Разговарав со (турскиот претседател Реџеп Таип) Ердоган претходно оваа недела и ќе одам во Анкара во блиска иднина за Шведска да стане членка на Алијансата што е можно поскоро“, рече Столтенберг на почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО. паг/

Фото: ЕПА

 

 

 

Остани поврзан